Половина од германските автопатишта се оштетени, мостовите се во лоша состојба, а сообраќајните метежи достигнале рекордни нивоа. Познатите „автобани“, симболи на слободно возење, се во сериозни проблеми.
На крајот од летото, во Берлин по 12 години изградба била отворена делница од 3,2 километри од урбаниот автопат А100, поврзувајќи ја раскрсницата Нојкелн со раскрсницата Трептов. Тоа е најскапата делница од автопат во Германија, со цена од над 720 милиони евра, или 225 милиони евра по километар.
Целта на изградбата била да се подобрат сообраќајните врски со источниот дел на Берлин и да се намалат сообраќајните метежи во центарот на градот. Меѓутоа отворањето на оваа делница, ги стави познатите „автобани“ во фокусот на германската јавност.
Германија, позната по својата мрежа од 13.200 километри автопатишта без општи ограничувања на брзината на многу делници, се соочува со сериозни проблеми. Според податоците од Сојузното министерство за транспорт и автомобилскиот клуб „ADAC“, ситуацијата е критична: половина од патиштата се оштетени, мостовите се во лоша состојба, а сообраќајните метежи достигнале рекордни нивоа.
Ова е последица на години недоволни инвестиции, густ сообраќај и работи на патиштата. Состојбата со мостовите е најалармантна бидејќи повеќето од нив се градени до средината на 1980-тите, а сега се преоптоварени и дури 5.000 од нив итно треба да се реновираат или одново да се изградат.
Други проблеми се недостатокот на пари за одржување и рационализација на трошоците. Влијанието на временските услови, исто така, станале проблем бидејќи зголемувањето на температурите доведува до пукнатини, особено во постарите бетонски сегменти. Густиот сообраќај, значително поголем од она за што првично биле дизајнирани автопатиштата, дополнително го забрзува абењето.
Според порталот „Global Highways“ специјализиран за автопатишта, Германија се соочува со огромен дефицит од 15 милијарди евра во буџетот за автопатишта за периодот 2026-2029 година, и покрај планот на владата за фонд за инфраструктура од 500 милијарди евра.
Ова има сериозни импликации, а бројни делници од автопатиштата што чекаат реконструкција веројатно ќе се соочат со големи одложувања. Иако многу проекти се планирани и ги имаат потребните одобренија, тие сега ќе бидат одложени. Недостатокот ќе влијае на новата изградба, како и на одржувањето и поправките на клучните федерални патишта и автопатишта.
Во Германија постојат 74 големи автопатски проекти на кои ќе влијаат проблемите со финансирањето. Една од клучните рути што бараат надградби е автопатот А8, кој го поврзува Штутгарт со Минхен во јужна Германија.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, зборувајќи за буџетот за следната година, најави дека нема да може да издвои пари за автопатиштата колку што е потребно, бидејќи „јавните инвестиции сами не можат да го покријат она што ѝ е потребно на Германија и не можат да го компензираат сето она што го пропуштивме во последните години“, истакна тој.
Затоа тој рече дека се размислува за приватни инвеститори во инфраструктурата. „Планираме да заедно со Министерството за транспорт во поголема мера да иницираме јавно-приватни партнерства“, додаде германскиот канцелар.
Возењето е сè уште бесплатно
И покрај недостатокот на пари, автопатиштата и понатаму ќе останат бесплатни за обични патнички автомобили и мотоцикли. Владата на Ангела Меркел имала план да воведе патарини што реално би ја плаќале само странски возачи, но Европскиот суд на правдата во 2019 година пресуди дека таков предлог, во кој Германците ќе добијат отпис на данок за да ја компензираат наплатата ги дискриминира возачите од другите земји од ЕУ.
Германија морала да се откаже од овој модел бидејќи ги крши правата на слобода на движење и услуги во ЕУ. Инаку земјата веќе наплаќа патарини за камиони над 7,5 тони на автопатиштата и на некои федерални патишта.
Дополнителен надомест за CO2 за камиони е воведен од 1 декември 2023 година, што ги зголемува приходите за финансирање на инфраструктурата. Овој надомест беше проширен на камиони над 3,5 тони на 1 јули минатата година, а според „Autobahn GmbH“, приходите од ова достигнуваат околу 8,1 милијарди евра годишно. Значајни, но недоволни за покривање на трошоците.
„ADAC“ предлага во период од 10 години да се воведе патарина по километар за сите, базирана на емисиите, што би било пофер и во согласност со климатските цели до 2045 година.
Исто така, според „ADAC“, 60 отсто од граѓаните се против патарините за патнички автомобили, додека 30 отсто ги поддржуваат доколку тие се применуваат исклучиво на автопатиштата.
Критиките на опозицијата и аналитичарите
Германската опозиција остро го критикува канцеларот Мерц и неговата влада за недоволни и неефикасни инвестиции во автопатишта.
Главните обвинувања се дека посебен фонд од 500 милијарди евра наменет за реконструкција и изградба на инфраструктура се злоупотребува за пополнување на дупките во редовниот буџет наместо да се искористи за нови инвестиции и дека приоритетот е санација, а не на нова градба.
Германските аналитичари велат дека „претпазливиот“ модел на претходниот премиер Олаф Шолц, ограничен со буџетски правила и коалициски компромиси, не бил добар, но ниту моделот на Мерц, фокусиран на масовни инвестиции и реформа на правилата за задолжување за покривање на недостатокот на пари не е добар.
Германскиот институт за економски истражувања (DIW), го поздравува фондот од 500 милијарди евра за инфраструктура како „храбар чекор“ за конкурентноста на Германија. Меѓутоа, тие предупредуваат на ризикот од инфлација и долгови ако работите на автопатиштата продолжат како порано, бавно и неефикасно. Институтот верува дека воведувањето патарини за патнички автомобили ќе се покаже како неизбежно во следните 10 години.
Од друга страна институтот Оеко, посветен на заштитата на животната средина, предупредува дека само 20% од парите од овој фонд се наменети за зелени проекти. Реновирањето и изградбата ќе продолжат, но проблемите ќе останат, предупредија од „ADAC“. Според нивното истражување, до 2030 година се очекува раст од 7-10% на сообраќајот на патнички автомобили и раст од 12-15% на товарниот сообраќај. Постојните автопатишта едноставно нема да можат да го издржат тоа.