[ФОТО] Вака би изгледала модерната „Škoda 110R“

Точка

28/09/2025

13:35

938

Големина на фонт

а а а

Како би изгледала „Škoda 110R“ денес? На ова прашање одговараат дизајнерите на „Škoda Auto“, кои претставија современа визија на легендарното купе.

„Škoda 110R“ беше симбол на една епоха – ова елегантно купе од седумдесеттите години претставуваше сон за многу возачи, а воедно послужи и како основа за тркачките верзии кои на чешкиот бренд му донесоа престижни победи на меѓународните патеки.

Денес „Erko“ е ценет олдтајмер меѓу колекционерите и љубителите на класични автомобили, меѓу кои е и Рихард Швец, дизајнер и член на дигиталниот моделарски тим во „Škoda Design“.


Швец својата интерпретација на легендарното купе ја замисли како целосно нова форма, далеку од класичната ретро естетика.

„Сакав да создадам иновативна форма, но во неа да вградам суптилни референци на карактеристичните елементи на 110R. Клучот беше да се најде рамнотежа меѓу пропорциите и формата“, вели дизајнерот за блогот на „Škoda“.


Неговиот концепт останува верен на елеганцијата преку чисти, ненатрупани површини – што и денес е основна филозофија на „Modern Solid“ дизајнот на "Škoda".

Електрично купе за новата генерација

Модерната „110R“ е замислена како целосно електрично возило. Благодарение на отсуството на голем систем за ладење, линиите на автомобилот остануваат чисти и минималистички, а препознатливиот отвор за воздух зад страничните прозорци сега би служел за ладење на батериите.

Наместо повторување на кружните фарови и правоаголните задни светла, Швец се одлучил за современ пристап.


Ретро естетиката, тврди тој, би ја ограничила модерната визија, па затоа вовел елементи како мали камери наместо ретровизори, скриени предни светлосни единици и најсовремениот „Tech-loop“ светлосен потпис познат од концептот „Škoda Vision O“.

Предниот панел содржи LED дневни светла, сензори и осветлен логотип на "Škoda", додека задниот дел го краси самостоен светлечки знак на брендот. Логото се појавува и на аеродинамичните капаци на тркалата, како и на задните стакла.


„Škoda 110R“ несомнено остави голема трага во историјата на чешкиот производител, па иако засега нема индикации дека ќе ја видиме на улиците, добро е што не е заборавена. Како ви се допаѓа во оваа форма?