На паркинзите на супермаркетите, додека ги ставате намирниците во корпа или ја враќате количката, одредени крадци тивко ја користат технологијата за да ви го украдат возилото. Не им е потребно кршење на прозорци или поврзување на моторот – кражбата се случува за неколку секунди, а жртвите често ни не знаат што се случило сè додека не се вратат од купување.
Модерната технологија овозможи развој на напади познати како „relay attack“ или напади преку "рилеј". Оваа метода на кражба се заснова на присвојување на сигналот од вашиот клуч за автомобил, што им овозможува на крадците да го отклучат и запалат возилото за буквално неколку секунди. Не им треба ништо повеќе од достапни уреди и малку стратешко планирање.
Казимирас Урбонас, експерт од интернет-пазарот за половни авто-делови „Ovoko“, еден од најголемите европски "online" пазари за вакви делови, сведочи за растечкиот проблем. Тој вели дека овој начин на кражба станал вистинска чума низ Европа, а сопствениците сè почесто пријавуваат исчезнување на возила без воопшто да забележат дека станале жртви.
Како функционира нападот преку "рилеј"?
Методата е едноставна, но исклучително ефикасна. Двајца криминалци работат во тандем: едниот стои покрај вашиот автомобил со уред кој може да го детектира сигналот на клучот од оддалеченост до 100 метри, додека другиот стои во ваша близина – претварајќи се дека влегува во продавница или купува нешто.
Кога ќе се приближите до возилото со клучевите во џеб, уредот веднаш го фаќа сигналот и го пренесува до партнерот, кој потоа го испраќа сигналот до автомобилот, создавајќи впечаток дека вистинскиот клуч е присутен. За само 60 секунди автомобилот е отклучен, моторот запален, а возилото однесено – без траги и без активирање на аларм.
Проблем е и заклучувањето од далечина
Голем проблем претставува и заклучувањето на автомобилот од оддалеченост.
„Со притискање на копчето на далечинскиот управувач од другата страна на паркингот, испраќате сигнал преку воздух кој може да се пресретне. Повеќето луѓе не се свесни дека со заклучување од 20 или 30 метри им создаваат можност на криминалците. Колку сте подалеку од автомобилот, толку е сигналот поранлив на пресретнување“, објаснува Урбонас.
Зошто е ризичен системот без клучеви?
Системите за влез без клуч се дизајнирани за практичност, но токму таа практичност создава безбедносна слабост што крадците ја користат.
Клучот во вашиот џеб постојано емитува сигнал кон автомобилот, а криминалците едноставно се „приклучуваат“ на таа комуникација и го повторуваат сигналот кон возилото.
„Во супермаркетите постојат многу фактори кои ја зголемуваат ранливоста на купувачите. Луѓето се расеани, склони кон заборавање, а паркинзите се полни со потенцијални жртви кои не забележуваат сомнителни лица“, додава Урбонас.
Едноставни и ефикасни совети
Иако може да изгледа дека заштитата од вакви кражби е комплицирана, Урбонас споделува неколку едноставни и ефикасни препораки:
• Користете торби што го блокираат сигналот
Специјална „Faraday“ торба може ефикасно да спречи вакви напади, блокирајќи ги сите радио-фреквенции, вклучувајќи го и сигналот од вашиот клуч.
• Држете ги клучевите подалеку од возилото
Никогаш не стојте веднаш до автомобилот со незаштитени клучеви. Ако мора да ги оставите во чанта додека го полните багажникот, ставете ги во торба што го блокира сигналот.
• Чувајте ги клучевите во метални садови дома
Кога сте дома, клучевите држете ги во метален сад или дури и во фрижидер. Металот ги блокира сигналите, правејќи го нападот преку "рилеј" речиси невозможен.
• Проверете дали автомобилот навистина е заклучен
Иако системите за заклучување од далеку овозможуваат лесна употреба, секогаш физички проверете ја кваката за да бидете сигурни дека возилото е навистина заклучено.
„Иако технологијата што овозможува вакви кражби е лесно достапна и евтина, превенцијата е едноставна и евтина“, заклучува Урбонас.