Ги воодушеви филмаџиите, а не ни постои: Зошто Холивуд стравува од Тили Норвуд?

Точка

29/09/2025

20:22

512

Големина на фонт

а а а

Актерката создадена со вештачка интелигенција, Тили Норвуд, го привлече вниманието на неколку филмски агенции – откри актерката, комичарка и продуцентка Елин ван дер Велден на панел дискусија на самитот за време на Филмскиот фестивал во Цирих, пишува „Variety“.

Тили Норвуд е првата креација на неодамна лансираното студио за таленти базирани на вештачка интелигенција – „Xicoia“, кое произлегува од продукциското студио „Particle6“, во сопственост на Ван дер Велден.

Индустријата брзо се приспособува

Ван дер Велден истакна дека веќе тивко се развиваат нови AI проекти и дека новитети може да се очекуваат во наредните месеци.

„Во февруари имавме многу состаноци и сите велеа: ‘Нема ништо од ова. Тоа нема да се случи’. А потоа, до мај, веќе зборуваа: ‘Мораме нешто да направиме со вас’“, изјави таа за време на интервјуто на сцена.


Таа додаде дека перцепцијата драстично се променила за многу кратко време.

„Кога за првпат ја претставивме Тили, луѓето се прашуваа: ‘Што е ова?’ А сега, во следните неколку месеци, ќе објавиме која филмска агенција ќе ја застапува“.

Прва улога и големи амбиции

Во јули, Тили Норвуд на својата Фејсбук страница објави дека ја добила првата улога во комичен скеч под наслов „AI Commissioner“.

„Не можам да поверувам, ја добив првата моја улога. Глумам во ‘AI Commissioner’, нов комичен скеч кој ја истражува иднината на развојот на телевизиски програми, а го продуцираше брилијантниот тим на ‘Particle6 Productions’“, напиша Норвуд.

„Можеби сум генерирана од вештачка интелигенција, но во моментот чувствувам вистински емоции. Многу сум возбудена за тоа што следува!“.

Креаторите имаат големи планови за својата дигитална ѕвезда.

„Сакаме Тили да биде следната Скарлет Јохансон или Натали Портман – тоа е целта на она што го правиме“, рече Ван дер Велден.

Таа додаде дека економските предизвици ја поттикнуваат филмската и ТВ-индустријата да се насочи кон продукција базирана на вештачка интелигенција.


„Луѓето сфаќаат дека нивната креативност не мора да биде ограничена од буџетот. Нема креативни ограничувања, и токму затоа AI навистина може да биде нешто позитивно“, продолжи таа. „Се работи само за промена на перцепцијата кај луѓето“.

„Ерата на виртуелни актери веќе е тука“

Во објава на „LinkedIn“, Ван дер Велден беше уште подиректна:

„Публиката? Нив ги интересира приказната, а не дали ѕвездата има пулс. Тили веќе привлекува интерес и од талент агенции и од обожаватели. Ерата на виртуелни актери не доаѓа – таа веќе е тука“.

Нејзиното студио „Particle6“ веќе има продуцирано содржини во различни жанрови – од серијата „Miss Holland“ за „BBC Three“, преку „True Crime Secrets“ за „Hearst Networks“, до детската емисија „Look See Wow!“ за „Sky Kids“.