Напуштеното рибарско село Хутуван во Кина, кое природата со децении го обликувала, претрпело неверојатна трансформација и стана интернет сензација благодарение на популарноста на социјалната мрежа ТикТок.
Оваа некогашна населба, која била дом на околу 3.000 луѓе, сега привлекува авантуристи од целиот свет кои доаѓаат да ги истражат нејзините обраснати улици и куќи.
Приказната за „селото на духови“
Хутуван се наоѓа на островот Шенгшан, дел од архипелаг од 400 острови, приближно 64 километри источно од Шангај. Во текот на 1990-тите, повеќето жители го напуштиле ова живописно место во потрага по подобри деловни можности во големите градови.
Долгите и макотрпни патувања до копното значително влијаеле на квалитетот на животот, што ја забрзало емиграцијата. До 2002 година, селото било целосно напуштено, што му го донесе прекарот „село на духови“.
Кога природата ќе ја преземе власта
Откако луѓето си заминале селото ѝ било препуштено на природата. Бујните зелени лози и бршлен почнале да се качуваат по ѕидовите на куќите, да влегуваат низ прозорците и да покриваат цели згради.
Глетките се толку нереални што многу посетители го споредуваат Хутуван со локации од фантастичните светови на Толкин. Целата област сега изгледа како зелена оаза во која камените структури станале едно со вегетацијата.
Нов живот благодарение на ТикТок
Пресвртницата дошла кога фотографиите од напуштеното село станале вирални на социјлните мрежи. Ова охрабри многу авантуристи и патници да тргнат во истражување на островот.
Хутуван брзо стана омилена дестинација на тиктокерите и инфлуенсерите, кои одат таму за да направат атрактивни фотографии и видеозаписи за социјалните мрежи. Некои ги снимале глетките од срушените балкони и покрај предупредувањата за опасност.
Туристички бум и враќање на локалното население
Ненадејниот пораст на популарноста на селото донел и економски придобивки.
Само во 2021 година, селото го посетиле 90.000 туристи. За да се обезбеди безбедноста на посетителите, во 2017 година била изградена платформа за набљудување. Сега стотици туристи секојдневно пеш го истражуваат Хутуван. Интересно е што некои од поранешните жители се враќаат во своите поранешни домови, но сега како продавачи на вода и сувенири за туристите.