Научниците ја разгледуваат можноста да се обидат да уништат огромен астероид којшто има многу мали шанси да удри во Земјата, но има поголеми шанси во декември 2032 година да удри во Месечината.
Најновиот план на научниците звучи како директно да е преземен од филмот „Армагедон“ од 1998 година во којшто ликовите кои ги толкуваат Брус Вилис и Бен Афлек тргнуваат на опасно патување на астероидот 2024 YR4 којшто оди директно кон Земјата, за да го разнесат со нуклеарна бомба.
Но, овојпат не е во опасност Земјата туку нашиот природен сателит Месечината, а научниците предложуваат едноставна метода за решавање на проблемите со астероидот којшто има мала шанса да удри во Месечината во 2032 година – да го уништат со нуклеарка.
Според „Вајс“, додека претходно се сметало дека астероидот има 3 отсто шанси да ја погоди Земјата, сега тој има 4 отсто шанси да ја погоди Месечината.
Тимот истражувачи, вклучувајќи и научници од американската вселенска агенција НАСА, смело предложил да лансира нуклеарна бомба кон астероидот којшто потенцијално ќе ја погоди Месечината во наредната деценија.
Опасни последици на удар во Месечината
Иако засега ударот во Месечината се чини како целосно извесна закана, последиците би можеле да бидат опасни по нашата Земја.
Би можела да се наруши сателитската инфраструктура и потенцијално да се исфрлат сите видови лунарен отпад за кои немаме вселенски одбранбени капацитети, се наведува во новото истражување објавено на „arxiv.org“.
Материите настанати од судирот би можеле да ги загрозат астронаутите во вселената, претворајќи го овој наизглед безопасен настан во потенцијална катастрофа за идните вселенски мисии.
Според набљудувањето на телескопот „Џејмс Веб“, астероидот е долг речиси 90 метри, што е колку големина на десеткатница, но неговата маса останува голема мистерија, се проценува дека се движи од 33.000 до 900.000 тони.
Според „Вајс“, неговата маса варира меѓу 51-711 милиони килограми, што е огромен распон којшто остава многу место за непрецизност во процесот којшто бара апсолутна точност.
Што предложуваат научниците?
Во научните истражувања кои сѐ уште чекаат рецензија, групата научници предложува „мисија на кинетичка дисрупција“ која вклучува употреба на „нуклеарни експлозивни нарушувања“ за вселенската карпа да се разнесе на парчиња.
Главната причина за овој драстичен пристап е недостаток на време.
Научниците утврдиле дека нема доволно време за испраќање на извидничка мисија која прецизно би ја утврдила масата на астероидот, што е клучен податок за негово успешно отстранување.
Тимот пресметал дека извидничката мисија би можела да биде лансирана најрано кон крајот на 2028 година, па би останале три години за пресретнување со метеорот.
Од друга страна, мисијата на „кинетичко нарушување“ со нуклеарно оружје би можела да се развие во рок од пет до седум години, со можност за лансирање меѓу 2029 и крајот на 2031 година.