Центарот за Хантингтоновата болест при Универзитетскиот колеџ во Лондон соопшти дека оваа болест првпат е успешно лекувана, пренесе денеска „BBC“.
Како што се наведува, истражувачкиот тим дошол до податоци кои покажуваат дека болеста е успорена за 75 проценти кај пациентите.
„Тоа значи дека ’падот‘ кој нормално би се очекувал за една година, сега трае четири години по третманот, давајќи им на пациентите децении квалитетен живот“, изјави за „BBC“ професорката Сара Табризи, директорка на Центарот за Хантингтоновата болест.
Новиот третман е вид на генетска терапија што се применува за време на деликатна операција на мозокот, која трае меѓу 12 и 18 часа.
Првите симптоми на Хантингтоновата болест обично се појавуваат во триесеттите или четириесеттите години и вообичаено се фатални во рок од две децении.
Сега, како што се наведува, постои можност раниот третман да спречи воопшто да се појават симптомите.
„Резултатите се спектакуларни. Никогаш, дури ни во најлудите соништа, не би очекувале клиничката прогресија да се забави за 75 проценти“, изјави Табризи.
Болеста се пренесува генетски, немилосрдно ги уништува мозочните клетки и наликува на комбинација од деменција, Паркинсонова болест и болест на моторните неврони, потсетува „BBC“ и додава дека лекувањето веројатно ќе биде исклучително скапо.