Повеќе од две илјади години по смртта на Клеопатра VII и Марко Антониј, нивната изгубена гробница можеби конечно ќе биде пронајдена – и тоа под површината на Средоземното море.
Имено, експедицијата на истражувачите предводена од Катлин Мартинез од Универзитетот Свети Доминго во Доминиканската Република, открила целосно потопено пристаниште на длабочина од 12 метри, околу три километри од крајбрежјето на Александрија.
Древното пристаниште крие тајни
Спомнатиот локалитет, веруваат археолозите, би можел да претставува клучна трага кон пронаоѓањето на изгубената гробница на Клеопатра и Марко Антониј.
Новото откритие сугерира дека древното пристаниште некогаш било поврзано со градот Тапосирис Магна, оддалечен на околу 50 километри од Александрија.
Овој древен град е дом храм посветен на египетскиот бог на смртта Озирис, што дополнително ги „загрева“ теориите дека токму таму би можела да биде погребана последната владетелка на Египет, пренесува „Daily Mail“.
Потопеното пристаниште го открил истражувачки тим во соработка со популарниот океанограф Боб Балард, познат по пронаоѓањето на остатоците од бродот Титаник.
Каде почива кралицата Клеопатра?
Според наводите на египетското Министерство за туризам кое спектакуларната вест ја објавило на социјалните мрежи, локалитетот содржи столбови, мермерни подови и расфрлани амфори – садови кои некогаш се користеле за чување вино, што укажува на тоа дека во пристаништето имало значајна активност.
„Само прашање на време е кога ќе ја пронајдеме гробницата на Клеопатра. Ова никој не го видел наназад 2000 години. Ние сме први“, изјавиле од Министерството.
Клеопатра VII која владеела со Египет од 51 до 30 година пред наша ера, позната е по својата интелигенција, политички вештини, но и заводливоста со која успешно влијаела на најмоќните мажи во тоа време, меѓу кои и Јулиј Цезар и Марко Антониј.
Нејзината бурна романса со Антониј завршила трагично – и двајцата извршиле самоубиство по поразот од Октавијан, идниот римски цар. Историските записи укажуваат дека биле погребани заедно, но точната локација на нивните гробници до денес останува мистерија.
Гробницата сѐ поблиску до археолозите
Ако новите откритија за потопеното пристаниште укажат на врската со Тапосирис Магна, светот би можел да биде на праг на едно од најголемите археолошки откритија во 21 век.
Претходно годинава, Катлин Мартинез којашто речиси две децении трага по последното почивалиште на египетската кралица, објавила откритие на импозантен тунел длабоко под градот Тапосирис Магна.
Тунелот којшто го опишале како „геометриско чудо“ е мапиран на длабочина од 13 метри, а бил ископан низ неверојатни 1.305 метри чист песочник.
Експертите истакнале дека тоа претставува „инженерско чудо“, дури и по денешните стандарди, а особено е фасцинантно тоа што градбата настанала во античко доба.
Внатре биле пронајдени правоаголен блок од варовник и неколку парчиња керамика, а Мартинез тогаш најавила следна фаза во истражувањето – вклучувајќи и подводни археолошки ископувања во Средоземното море.
Какви фасцинантни сознанија нѐ очекуваат во блиска иднина, останува да видиме...