Кој бил „човекот-змеј“: Откриениот череп од Кина ги менува сите досегашни сознанија за еволуцијата на човечкиот вид

Точка

26/09/2025

15:06

1.002

Големина на фонт

а а а

Истражувањето на остатоци од здробена фосилизирана черепна коска на древен човек од територијата на денешна централна Кина ги наведе научниците, кои направија нејзина дигитална реконструкција, на претпоставка дека човечкиот вид е многу постар отколку што претходно се мислеше.

Новата анализа на машката черепна коска, објавена денес во списанието „Science“, сугерира дека современите луѓе се одвоиле од неандерталците и другите архаични луѓе пред повеќе од еден милион години.

Овие наоди го доведуваат во прашање претходното датирање од пред 500.000 до 700.000 години, кое долго време се сметаше за временската рамка во која живеел последниот заеднички предок.

„Ова е голема промена. Говориме за нешто што е можеби двојно подолго кога станува збор за раздвојувањето на овие групи“, изјави Крис Стрингер, палеоантрополог во Природонаучниот музеј во Лондон и коавтор на студијата.

Испитуваната черепна коска, наречена „Џунсиан 2“, е една од неколкуте ископани во 1990 година на археолошки локалитет долж реката Хан, притока на Јангце во централна Кина, пренесува „Washington Post“.


Одредено време палеонтолозите шпекулираа дека черепите припаѓаат на една од најраните линии во еволутивното стебло – "Homo erectus". Но палеоантропологот Сиџун Ни, кој пред неколку години почнал да ја испитува „Џунсиан 2“, проценил дека коската е преголема за тој период.

„Кога првпат имав можност да го држам примерокот, веднаш сфатив колку е голем“, изјави Ни, истражувач од Кинеската академија на науки и коавтор на студијата.

Ни, Стрингер и нивните колеги внимателно ги составувале скршените делови од черепот како сложувалка, барем дигитално, по CT скенирање и реконструкција во компјутерска програма. За пополнување на недостасувачките делови биле користени и анатомски елементи од првиот череп, наречен „Џунсиан 1“.

Палеоантропологот Ерик Делсон од Американскиот музеј за природна историја во Њујорк, кој не бил вклучен во студијата, ја нарече реконструкцијата „фантастична“, особено во споредба со „сплесканата палачинка“ каква што била пред обработката.


„Мешавина од примитивни и современи особини“

Дигитално обновената черепна коска откри мешавина од примитивни и модерни особини. Таа е ниска и издолжена, како кај најстарите членови на родот "Homo", но мозокот што го содржела морал да биде голем – слично како кај современиот човек.

Бидејќи локалитетот каде што се пронајдени овие черепи е стар околу еден милион години, тимот го искористил тој датум како референтна точка за ново обликување на „дрвото на животот“ кое ја опишува човечката еволуција.

Истражувачите заклучиле дека древната група луѓе, позната како денисовци, Homo longi или „луѓе-змејови“, се одвоила од лозата на современиот човек пред околу 1,32 милиони години, додека неандерталците се одвоиле пред 1,38 милиони години.

Генетичарот Свенте Пабо од Институтот „Макс Планк“ за еволутивна антропологија, кој ја доби Нобеловата награда за откритието за вкрстувањето меѓу древните човечки видови, изјави дека само пронаоѓањето на ДНК или евентуално протеини би можело да го разјасни односот на оваа черепна коска со остатокот од човештвото.


Пабо додаде дека нема „доволно информации од морфологијата на овие примероци за со сигурност да се утврди како се поврзани меѓусебно, а уште помалку кога точно дошло до нивното раздвојување“.

Стрингер и Ни нагласија дека черепот е престар за да се задржи ДНК и дека без повеќе фосили не е можно да се знае дали нивната реконструкција е совршена. Тие изразија надеж дека третата черепна коска, откриена во 2022 година на истиот локалитет, ќе донесе повеќе светлина врз овој случај.

„Некои истражувачи може да останат скептични кон овие релативно длабоки датуми на разликите. Но ако Џунсиан навистина е постар член на оваа група, тоа неизбежно ја поместува минималната старост за најмалку еден милион години“, заклучи коавторот Крис Стрингер.