Иако „GoPro Max“ не беше премногу популарен избор, „GoPro“ по шест години конечно одлучи да го претстави неговиот наследник со бројни надградби.
По речиси шест години, „GoPro“ ја лансираше „Max 2“, новата генерација на својата прва акциона камера што снима во 360 степени. Како што и се очекуваше, донесува значителни подобрувања и директно конкурира на „Osmo 360“ кој „DJI“ го претстави уште на почетокот на август.
Во споредба со оригиналниот „Max“, „Max 2“ е нешто повисока, подебела и потешка за 36 грама, но нуди голем скок во можностите. Камерата овозможува снимање во 360 степени со резолуција до 8K при 30 FPS, а поддржува и снимање со еден објектив во 180 степени до 4K при 60 FPS.
За разлика од конкуренцијата, „GoPro“ нагласува дека „Max 2“ снима „вистински 8K“, односно дека под поимот „8K“ ги сметаат пикселите кои се навистина употребливи, без преклопувања меѓу двата објектива. Тоа во пракса значи и до една петтина поголема ефективна резолуција.
Од останатите функции, „Max 2“ располага со шест микрофони со редукција на шум од ветер, GPS, водоотпорност до пет метри и 1,82-инчен екран на допир. Новитети се и поддршката за Bluetooth-микрофони и безжични слушалки, 13 гласовни команди на 11 јазици, како и поголема батерија со капацитет од 1.960 mAh. На едно полнење, „Max 2“ може да снима во 8K при 30 FPS до 66 минути, односно до 90 минути во 5.6K резолуција.
Особено значајна новина е можноста за замена на леќите, кои се вадат и поставуваат со едноставно вртење, без потреба од алат. Тоа значи дека пукната или изгребана леќа повеќе не претставува крај за камерата или скап поправен зафат – доволно е едноставно да се замени со нова. Практично решение за сите кои ќе ја користат „Max 2“ во поекстремни услови.
Како и кај другите модели на „GoPro“, за обработка на снимките е достапна апликацијата „GoPro Quik“, која овозможува AI-пратење на објекти или рачно кадрирање преку поместување на телефонот додека се гледа видеото. За напредните корисници достапен е и „GoPro Labs“ бета-програмата која отклучува дополнителни професионални опции, како повисоки bitrate-вредности и прикажување на хистограм.
Цената на „GoPro Max 2“ во Европа ќе изнесува 520 евра.