Научници бушеа под Атлантскиот океан и дојдоа до големо откритие – најголемата мистерија сè уште нема одговор

Точка

18/09/2025

22:48

398

Големина на фонт

а а а

Ова лето научници бушеа длабоко под Атлантскиот океан, покрај брегот на североисточниот дел од САД, и открија огромен резервоар со слатка вода. Неговото постоење во Атлантикот е познато со децении, но досега беше неистражено.

Овој огромен резервоар крај брегот на САД е само еден од многуте за кои се верува дека се скриени под светските океани. Меѓународен тим научници, како дел од проектот „Експедиција 501“, реши да побара одговори – што значеше директно бушење во водоносниот слој.

Во мај тие испловија од „Bridgeport“ во Конектикат со брод опремен со платформа за бушење и поминаа три месеци на море истражувајќи на длабочина од околу 300 до 400 метри под морското дно на различни локации. Таму извадија седименти и примероци вода. Научниците открија вода со значително помал удел на сол од морската, приближно на нивото што американските и меѓународните агенции го препорачуваат за питка вода. Примероците сега се испраќаат на лабораториски тестирања за да се утврди какви микроорганизми содржат и колку се безбедни за човечка употреба, пишува „CNN“.


Колку е стара оваа вода?

Една од најголемите мистерии што останува е староста на водата. Таа може да биде стара 200 години, но и 20.000 години, објаснува Брендон Дуган, професор по геофизика на Рударскиот факултет во Колорадо и водач на експедицијата. Ако се работи за „помлада“ вода, тоа би укажувало дека резервоарот се обновува; доколку е „постара“, станува збор за ограничен ресурс што не се обновува.

„Одговорите треба да ги имаме за околу шест месеци“, изјави Дуган.

Научниците ќе спроведат и тестирања за да утврдат дали водата потекнува од топење на глечери или од дождови – што ќе помогне подобро да се разбере како се формирале и развивале овие водоносни слоеви со текот на времето. Собраните податоци ќе може да се применат и во други региони за кои постојат докази за подморски слатководни резервоари – како Индонезија, Австралија и Јужна Африка. Овие сознанија ќе помогнат да се сфати и како се менуваат подводните ресурси на слатка вода со растот на глобалното ниво на морињата – дали се зголемуваат или се намалуваат.

„Водоносниот слој што го потврди експедицијата изгледа огромен“, изјави Ерик Атијас, истражувачки доцент на „Jackson School of Geosciences“ при Универзитетот во Тексас, кој не бил дел од проектот. За „CNN“ тој додаде дека би можел „да содржи доволно слатка вода за да снабдува метропола со големина на Њујорк со стотици години“, како и „да помогне во ублажување на идни недостатоци за крајбрежното население“.


Многу предизвици

Речиси половина од светската популација живее во области од околу сто километри од брегот, а многумина зависат од копнени водоносни слоеви – ресурси што брзо се намалуваат поради прекумерно црпење и влијанието на климатските промени, како порастот на морското ниво, што може да ги контаминира подземните води.

Сепак, постојат многу предизвици во тоа како да се искористи оваа вода. Еден од истражувачите предложи дека енергијата од ветерот би можела да помогне во процесот на црпење.

Отворени се и прашања – кој ќе управува, прочистува и плаќа за оваа вода пред таа да биде испратена во федералните држави, а потоа и во градовите. Потоа, постои и техничкиот предизвик како да се обезбеди оваа слатка вода да не биде контаминирана со солената, која се наоѓа и над и под неа. Исто така, неконтролираното црпење може да доведе до загадување на копнените водоносни слоеви ако двата системи се поврзани.

Се проценува дека ќе бидат потребни околу десет години пред морските водоносни слоеви правилно да се искористат. Но податоците што ќе ги соберат научниците во наредните месеци би можеле да имаат глобални импликации. Доказите упатуваат дека под секој континент постојат резерви на слатка вода во морето.