Почина последната дива, Клаудија Кардинале: Траумата од силување ја одбележала нејзината младост, а подоцна го освоила светот

Точка

24/09/2025

09:20

12.500

Големина на фонт

а а а

Една од најголемите европски филмски диви на 20. век, Клаудија Кардинале, чие лице и глас се врежани во историјата на светската кинематографија преку ремек-дела на Федерико Фелини, Лукино Висконти и Сержо Леоне, почина на 87-годишна возраст. Нејзината смрт ја потврди агентот Лорен Саври, наведувајќи дека славната актерка починала во Нему, недалеку од Париз.

Кардинале на меѓународната сцена се појавила на почетокот од шеесеттите години и многу брзо станала, заедно со Софија Лорен и Ана Мањани, една од најпрепознатливите италијански ѕвезди на своето време. Во текот на кариерата снимила повеќе од 130 филмови, освоила три награди Давид ди Донатело (италијански еквивалент на Оскарот), а во 1993 година добила и почесен Златен лав на Филмскиот фестивал во Венеција.


„Филмска ѕвезда станав многу млада. Но, за тоа немам никакви заслуги – тоа беше прашање на судбина. Секогаш некоја среќна ѕвезда бдееше над мене“, напишала во својата автобиографија Моите ѕвезди (2005).

Ран живот и трнлив почеток

Иако е симбол на италијанската кинематографија, Кардинале е родена во Тунис, на 15 април 1938 година, во семејство на емигранти од Сицилија. Пораснала зборувајќи француски, арапски и сицилијански дијалект, а италијанскиот јазик го научила дури како возрасна.

Како тинејџерка се појавила во краткометражниот филм на францускиот режисер Рене Воќе Anneaux d’or, а наскоро и во дебитантска улога покрај младиот Омар Шариф во филмот Goha (1958), прикажан во Кан. Истата година ја освоила титулата „Најубава Италијанка во Тунис“, што ја одвело на фестивалот во Венеција каде, во бикини на плажата Лидо, го привлекла вниманието на италијанските продуценти.


Иако на почетокот посакувала да стане учителка, судбината ѝ подготвила поинаков пат. На 19-годишна возраст била силувана и останала бремена; одлучила да го роди синот Патрик, но, за да избегне скандал, потпишала договор со продуцентот Франко Кристалди, кој ѝ советувал момчето да го претстави како помлад брат. Со Кристалди, кој подоцна станал и нејзин сопруг, останала во деловен однос речиси две децении.

Златните години на италијанскиот филм

Под водство на Кристалди, следувале улоги кои ќе ја воведат во легендите. Дебитирала во комедијата „Големата кражба на Вија Мадона“ (1958), а веќе во 1960 година глумела во епот на Висконти Роко и неговите браќа и во „Убавиот Антонио“ на Мауро Болоњини.

Набргу потоа следувала романтичната драма „Девојката со куферот“ (1961), а веќе 1963 година била пресвртна точка во нејзината кариера. Тогаш Кардинале глумела во три класици на светската кинематографија: „Леопардот“ на Висконти, „8 и пол“ на Фелини и холивудскиот хит на Блејк Едвардс – „Пинк Пантер“.


Во „Леопардот“ ја толкувала Анџелика Седара, млада Сицилијанка која го освојува срцето на Ален Делон во време на политички превирања во Италија. Филмот ја освоил Златната палма во Кан и остана запаметен како ремек-дело на Висконти.

Во исто време, Фелини ѝ ја доверил улогата на својата муза во автобиографскиот класик „8 и пол“, додека во Холивуд станала принцезата Дала во Пинк Пантер.

Го освоила и Холивуд и Вестернот

Славата во Америка ѝ донела соработки со најголемите ѕвезди на тоа време: Џон Вејн, Рита Хејворт, Барт Ланкастер, Тони Кертис. Сепак, најважната улога од тој период била во вестернот на Леоне „Еднаш на Дивиот Запад“ (1968), каде што, како вдовица и поранешна проститутка која го брани своето имање од железничка компанија, создаде една од најмоќните женски фигури во европскиот филм.

Приватен живот и соработки

Иако медиумите ја поврзувале со Марчело Мастројани, Ален Делон, Стив Меквин, па дури и со Марлон Брандо (чие додворување го одбила), Кардинале ретко зборувала за својот приватен живот. По разводот од Кристалди во 1975 година, долго време била во врска со режисерот Паскуале Сквитиери, со кого ја добила имаше ќерката Клаудија и соработувала на бројни филмови.


Втората половина од кариерата

Кардинале продолжила да снима во текот на седумдесеттите и осумдесеттите, соработувајќи со Висконти, Марко Ферери, Вернер Херцог (Фицкара́лдо) и Марчело Мастројани (Анри IV). Освоила уште една награда Давид ди Донатело и две Златни глобуси во Италија.

Активна била и во театарот, играјќи во драми на Пирандело, Тенеси Вилијамс и Нил Сајмон. Интересно е што се обидела и во музиката – во седумдесеттите снимила неколку диско синглови, меѓу кои „Love Affair“ и „Sun… I Love You“.

Икона на културата

Клаудија Кардинале остави трага и надвор од филмското платно – се појави на корицата на раните изданија на легендарниот албум на Боб Дилан „Blonde on Blonde“, а предизвикала бура кога во 1967 година, носејќи мини здолниште, го посетила папата.

За животен придонес во уметноста била одликувана со Легија на честа во Франција (2008), а нејзината фотографија од младоста го красела официјалниот плакат на 70. Филмски фестивал во Кан во 2017 година.


По тој повод им порачала на младите актерки:

„Никогаш не прифаќајте улоги кои ќе ве повредат или ќе ве натераат да се издадете себеси. Одбијте ги хировите на режисерите или било каков професионален уценувачки притисок. Борете се!“

Заминувањето на последната дива


Со смртта на Клаудија Кардинале, кинематографијата изгуби една од последните големи диви на златното доба на филмот. Нејзините улоги, снимени на релацијата Рим–Париз–Холивуд, остануваат како сведоштво за едно време кога филмот и актерите имаа митска димензија.