Животот му го одбележале бројни трагедии, ги изгубил двајцата синови: Македонски фан се замонашил поради него – тоа беше голема катарза, добив повик од Бог за монаштво

Точка

22/09/2025

10:46

5.361

Големина на фонт

а а а

Австралискиот музичар, кантавтор и писател Ник Кејв, е еден од оние уметници чиј живот и дело непрекинато се прераскажуваат.

Неговата музика, проткаена со темнина, библиски мотиви и моќни емоции, станала препознатлива ширум светот, но зад неа стои животот обележан со лични трагедии.

Од мало место до музичка легенда

Роден на денешен ден, 22 септември 1957 година во Варингал, Австралија. Со бендот „The Birthday Party“ на почетокот на 80-тите стекнал репутација на бунтовник на подземната сцена, но вистински глобален успех постигнал со формирањето на „Nick Cave and the Bad Seeds“.

Песните како „The Mercy Seat“, „Into My Arms“ и „Red Right Hand“ станале класици – интроспективни, болни и моќни.

Неговиот стил се опишува како единствена мешавина на рокенрол, готски звук и поетска лирика. Кејв не пишува само музика туку и романи, сценарија и есеи, градејќи го својот статус на култен уметник.

Приватен живот – љубов и загуби

Кејв е познат по својот повлечен приватен живот иако во песните никогаш не бегал од интимата. Оженет е за Сузи Бик, поранешен модел, а парот живее во Брајтон, Англија. Сепак, неговата семејна приказна одбележана е со големи загуби.

Во 2015 година неговиот син Артур, тогаш 16-годишно момче, трагично починува по пад од карпа во Брајтон. Оваа трагедија оставила длабока трага на Кејв и неговото семејство, а се рефлектирала и на неговите творби – албумот „Skeleton Tree“, но и „Ghosteen“ настанале како интимни сведоштва за болката и тагувањето.

За жал, семејството го погодила уште една трагедија во 2022 година, починал и неговиот втор син Џетро Ленезби, што на Кејв му нанело уште една огромна болка.


Музиката како лек и бегство

Без оглед на сѐ, Ник Кејв останува верен на уметноста. Неговите концерти денес не се само музички настапи туку речиси духовни искуства каде публиката сведочи пред уметникот и човекот којшто не бега од сопствената ранливост.

Кејв често вели дека уметноста не ги лекува раните, туку помага низ нив да се помине. Можеби токму поради тоа неговата музика е толку моќна, затоа што во неа секогаш е искрен, без оглед на болката, загубите.

После неговиот концерт се замонашил

На еден настап на Ник Кејв имало еден млад македонски фан којшто после концертот се замонашил.

Монахот Кирил ја раскажал својата приказна непосредно пред излегувањето на Кејв на сцена во Скопје.

„Растев со музиката на Ник Кејв која имаше толку влијание на мене и конечно токму тој го одреди мојот животен повик.


Во 2009 година бев на концерт на Кејв во Скопје и откако заврши регуларниот дел, тој нѐ праша која песна да ја изведе. Реков „Into My Arms“. Бев на 10 метри од него, ни се сретнаа погледите, настана тишина, а потоа тој се сврте кон бендот и рече „Into My Arms“.

Беше тоа голема катарза, веќе добив повик од Бог за монаштво, а Ник Кејв таа вечер ме поттикна да донесам конечна одлука. Тоа беше мојот последен концерт, а потоа се замонашив“, изјавил монахот Кирил за „Недељник“.