Во текот на ретко телевизиско интервју, принцот Вилијам искрено говорел за предизвиците низ кои неговото семејство поминало, нарекувајќи ги изминатите години како „најтешки досега“.
Интервјуто го дал за емисијата „The Reluctant Traveller“ во кое канадскиот актер и комичар Јуџин Леви го истражува Лондон и се запознава со кралскиот живот.
Ексклузивна посета на Виндзор
Најавата на емисијата која премиерно ќе биде прикажана на 3 октомври на платформата „Apple TV“, прикажува како Јуџин Леви прима рачно напишана покана од принцот Вилијам. После тоа, тргнува во ексклузивна посета на кралскиот имот во негово друштво.
„Им ја даваме оваа услуга на сите. Правиме персонализирани обиколки секаде“, се пошегувал Вилијам додека ја започнал прошетката низ Виндзор.
Разговор: Вилијам ја отворил душата
Во текот на опуштениот разговор во локалниот паб, принцот од Велс отворено говорел за тешкиот период низ којшто поминува неговото семејство. Се осврнал на дијагнозите на канцер кои ги имаат неговиот татко и неговата сопруга.
„Би рекол дека 2024 година беше најтешка година во мојот живот. Знаете, животот нѐ тестира, а наша способност е тоа да го надминеме“, рекол Вилијам.
Семејна сила и лична борба
Принцот и претходно говорел за тешките моменти, особено на своето патување во Јужна Африка во ноември претходната година. Тогаш истакнал колку се восхитува на силата на својата сопруга и татко во соочување со болеста.
„Беше ужасно. Веројатно тоа беше најтешката година во мојот живот. Обидите да се надмине сѐ се тука, но навистина е тешко. Но, многу сум горд на својата сопруга, горд сум на својот татко што се соочија со тоа на вистински начин. Од лична гледна точка беше брутално“, признал принцот.
Кралска должност како утеха
Во продолжение на разговорот, принцот истакнал дека неговата кралска обврска му помага да најде баланс и утеха, иако е тешко да се усогласат работата и приватниот живот.
„Годинава сум поопуштен, мора да се продолжи натаму. Уживам во својата работа и уживам во тоа да го минувам времето со семејството“, рекол Вилијам.