Некои популарни европски дестинации носат и ризици, бидејќи патниците на крстарења често се мета на криминал, предупредува еден туристички експерт.
Британските туристи добија предупредување да се „држат што подалеку“ од одредени атрактивни европски локации поради опасност од криминал. Џепарење и ситни кражби и натаму претставуваат сериозен проблем во некои од најпосетуваните дестинации на континентот, како што се Шпанија и Италија.
Експерт за патувања со крстарење предупреди патниците особено да внимаваат на своите лични предмети кога се симнуваат во пристаништата на овие земји. Гери Бембриџ, туристички водич од Лондон, изјави дека последните патувања го потсетиле дека не секое пристаниште е безбедно, иако таму редовно се закотвуваат бродови.
Во едно од своите најгледани видеа, тој издвоил неколку дестинации што патниците би требало да ги избегнуваат, но притоа дал и практични совети за безбедност.
„Дури и во најпопуларните региони за крстарење, како Карибите и Медитеранот, многу од најпосетуваните пристаништа спаѓаат меѓу најризичните во светот. Тоа не се само главните пристаништа за качување и симнување, туку и големите градови кои се задолжителна станица на речиси секоја медитеранска рута. Најчесто станува збор за класичен градски криминал – џепарење и кражби“, вели Бембриџ.
1. Барселона, Шпанија
Барселона, вториот по големина град во Шпанија, е на врвот на неговата листа – иако официјалните податоци бележат пад на криминалот. Според Градскиот одбор на Барселона, бројот на кривични дела во првите шест месеци од 2025 година е намален за 8,8% во споредба со истиот период лани. Кражбите се намалиле за 6,8%, а нападите и уличните грабежи за 5,5%.
Сепак, Гери советува голема претпазливост, особено на прочуената улица „La Rambla“.
„Сите одат таму затоа што е блиску до пристаништето за крстарење, многу е позната, секогаш преполна – вистински рај за џепчиите“, предупредува тој.
2. Рим, Италија
На второ место е италијанската престолнина Рим. Бембриџ се присетува како на двајца негови сопатници им биле украдени паричници на различни локации во градот.
Според податоците на италијанското Министерство за внатрешни работи, објавени во „Il Sole 24 Ore“, Рим во 2023 година имал втор највисок број пријавени кривични дела во земјата – 6.071 случаи на 100.000 жители, веднаш зад Милано. Повеќе од половина од нив се однесувале на кражби – 3.465 случаи на 100.000 жители.
3. Венеција, Италија
Третото предупредување се однесува на Венеција.
„Туристите се натрупани еден до друг во тесните улички, а дури и на огромниот Плоштад Свети Марко владее постојана турканица“, објаснува Гери.
Според официјалните статистики, во 2023 година во Венеција биле забележани 2.652 кражби на 100.000 жители.
4. Атина, Грција
Грчката престолнина го изненадила Бембриџ.
„Никогаш не мислев дека Атина може да биде проблем, сè додека мојата познаничка Керол Копланд Томас не доживеа трауматично искуство. Ја ограбија во јавниот превоз, ѝ го одзедоа и пасошот, па не можеше да отпатува на крстарењето“, раскажува тој.
Според годишниот извештај на грчката полиција за организиран криминал, во 2023 година во Грција биле пријавени 62.868 кражби, 2.781 провала и 19.223 кражби на возила.
5. Ливорно, Италија
Пристаништето Ливорно е влезна точка за посета на два прочуени италијански града: Пиза (27 км северно) и Фиренца (90 км источно).
„Тоа се два града на лош глас поради џепарење и кражби“, вели Бембриџ.
Според податоците на италијанското Министерство за внатрешни работи, Фиренца е трета во земјата по стапка на криминал – 6.053 случаи на 100.000 жители во 2023 година, веднаш зад Милано и Рим. Половина од нив се кражби – 3.165 случаи.
Како да бидете безбедни?
Гери советува патниците редовно да ги следат најновите официјални предупредувања на владини веб-страници, како „Gov.uk“.
„Неопходно е да се проверуваат најновите информации бидејќи состојбата брзо се менува“, вели тој и додава дека треба да се следат и локалните вести во пристаништата што ги посетувате.
Препорачува патниците да останат на бродот или, ако се симнуваат, да се движат низ безбедни зони во близина на пристаништето. За оние што сакаат сами да го истражат градот, советува секогаш да имаат контакт податоци од локалниот претставник во пристаништето.
„Тие ќе ви бидат клучна помош ако нешто тргне наопаку. Не носете вредни предмети, бидете внимателни и движете се низ прометните туристички зони. Дури и во пристаништа што се сметаат за побезбедни, ризиците и понатаму постојат“, предупредува тој.
Официјални совети од британското Министерство за надворешни работи
• Грција: Кражби на пасоши, паричници и торби се чести во метрото и на прометни туристички места, особено во центарот на Атина. Носете ги вредностите во различни торби/џебови и чувајте копија од пасош на сигурно место.
• Италија: Општото ниво на криминал е ниско, но кражби и грабежи се чести во центрите на градовите и кај туристичките атракции. Секогаш држете ги предметите на око, внимавајте на измами со одвлекување внимание, не носете ги сите вредности на едно место и користете хотелски сеф.
• Шпанија: Бидете свесни за ризикот од уличен криминал. Крадците често работат во тимови и користат трикови за да ви го одвлечат вниманието. Чувајте ги парите и документите одвоено и имајте копија од пасош на сигурно место.