Шокантна изјава на таткото на американското девојче кое почина од сипаници: „Не жалам што не ја вакцинирав“

Точка

15/04/2025

11:20

2.026

Големина на фонт

а а а

Таткото на американското девојче кое неодамна почина од сипаници во Тексас ја оправда одлуката да не ја вакцинира својата ќерка со зборовите „таа не умре од тоа“.

Осумгодишната Дејзи Хилдебранд е втората жртва на сè поопасната епидемија на сипаници што го зафати Западен Тексас, особено округот Гејнс, каде што теориите на заговор за вакцини станаа широко распространети, а довербата во јавните институции е сериозно намалена.

„Мојата ќерка не умре од сипаници“, рекол нејзиниот татко Питер, додавајќи: „Ако постои една работа што треба да знаете, тоа е ова. Таа е изневерена“. Иако американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) потврди дека сипаниците се причина за смртта, таткото на девојчето тврди дека смртта се должи на лошата медицинска нега, недостаток на соодветен третман и предрасуди кон нивната религија.


Епидемија на сипаници во Тексас

Семејството Хилдебранд е дел од заедницата на Менонитите, мала христијанска група позната по тоа што верува во „природни лекови“ наместо во модерна медицина. Вообичаено е да користат рибино масло од црн дроб на бакалар за зајакнување на имунитетот, што го пробале и со Дејзи кога пред еден месец добила треска, болки во грлото и пневмонија.


Кога состојбата ѝ се влошила, ја однеле во болница. Таму лекарите ѝ дијагностицирале стрептококно воспаление на грлото, мононуклеоза и сипаници. Ѝ

Ѝ дале антибиотици и ја испратиле дома. Но, три дена подоцна повторно завршила во болница со тешка пневмонија, по што починала.

Дејзи е второто невакцинирано девојче од истата менонитска заедница што почина – пред неа почина и шестгодишната Кејли Фер. Ова се првите жртви на сипаници во САД во последните десет години.

Повеќе од 700 случаи на сипаници се пријавени во САД оваа година, вклучително и 541 во Тексас, што е најлоша ситуација од 2019 година и може да стане најлоша во последните децении. Во сегашната епидемија на сипаници во Тексас, повеќе од 70% од заразените се деца и доенчиња.

„Вакцината е безвредна“

Иако малите сипаници се вирусно заболување, значително го слабеат имунолошкиот систем и ја отвораат вратата за секундарни инфекции, најчесто пневмонија, која може да биде фатална, особено за деца помали од пет години.

И покрај тоа, таткото на починатото девојче ја отфрла оваа научно потврдена врска и отворено се сомнева во ефикасноста на вакцината.

„Вакцината против сипаници, заушки и рубеола [ММР] е безвредна“, рекол тој, додавајќи: „Семејството на мојот брат се вакцинираа и сите се разболеа, и тоа полошо од моите невакцинирани деца. Ова нема никаква врска со вакцината“. Тој исто така навел и дека не жали што не го вакцинирал девојчето и дека не планира да ги вакцинира ниту останатите деца.

Но, научните факти велат поинаку. Според ЦДЦ, една доза од ММР вакцината обезбедува 93% заштита од сипаници, а две дози дури 97%. Кај невакцинираните деца, секој петти пациент завршува во болница, секој 20-ти добива пневмонија, а еден од 1.000 развива енцефалитис – воспаление на мозокот што може да предизвика епилептични напади, глувост и ментални тешкотии. Помеѓу едно и три лица од 1000 завршуваат со кобен исход.

Во областа Менонити е ниска стапката на вакцинација

Менонитската заедница во округот Гејнс има комплициран однос со вакцините. Иако нивната религија не ги забранува вакцините, многумина во таа заедница веруваат дека одлуката за вакцинација треба да биде лична, а не задолжителна.

Во округот Гејнс, каде што се наоѓа градот Семинол, живеат околу 3.000 менонити од вкупното население од нешто повеќе од 22.000, според податоците од 2010 година. Тој округ има една од најниските стапки на вакцинација во САД – само 82% од детските градинки ја примиле вакцината ММР минатата година. За постигнување на колективен имунитет потребна е покриеност со вакцинација од најмалку 95%.

Дејли мејл разговарал со голем број локални жители, вклучително млади мајки, работници на фарма и возачи на камиони во Семинол, кои изразиле скептицизам за вакцините. Многумина тврделе, без научна основа, дека вакцините „содржат опасни состојки“ и дека фармацевтските компании ги користат исклучиво за профит.


Со оглед на тоа што случаите на сипаници продолжуваат да растат и дезинформациите се шират, експертите за јавно здравје предупредуваат дека без силна реакција и кампања за вакцинација, слични трагедии би можеле да станат почести, особено во заедниците кои ги отфрлаат научно докажаните методи на заштита.