За сите кои сакаат да патуваат, а немаат поим каде, една авиокомпанија нуди интересна понуда која ќе им ги олесни маките. Имено авиокомпанијата „Scandinavian Airlines“ организира патувања до мистериозни дестинации во рамките на Шенген зоната како дел од новата програма која им овозможува на луѓето да се качат во авион без притоа да имаат идеја каде одат.
Програмата привлече внимание на социјалните мрежи откако патничката „Miss Jo“ (@therealmissjo) на Х споделила фотографија од аеродром со натпис: „Купи карта и качи се во авион. Потоа ќе дознаеш каде одиш. Дали би го направиле тоа?“.
Реакциите на оваа идеја беа различни, некои се прашуваа дали таквиот аранжман ќе доведе до проблеми со визите, додека други биле загрижени дали ќе најдат сместување во последен момент. Инаку, ова е втор пат оваа авиокомпанија на своите членови да им нуди мистериозни патувања како дел од програмата „EuroBonus“.
Деталите за можните дестинации, очекувано, се чуваат во тајност, иако „Miss Jo“ во својата објава потврдила дека патниците остануваат во рамки на Шенген зоната, што значи дека нема да имаат проблеми со визи.
„Не би отишла затоа што не би знаела што да спакувам“
Многумина корисници на социјалните мрежи се прашувале каква облека би требале да спакуваат за патување до непозната дестинација, бидејќи сигурно нема ништо полошо од носење зимска облека, а пристигнување во јужниот брег на Шпанија. Или уште полошо – слетување во Рејкјавик облечен во шорцови и апостолки.
„Не би отишла затоа што не би знаела што да спакувам“, коментирала една корисничка, додека друга додала: „Звучи прилично интересно… Се прашувам каква е ситуацијата со сместувањето? Дали треба сами да резервирате по пристигнувањето?“.
Инаку ова е втор пат „SAS“ да ја имплементира оваа програма, па затоа вреди да се следи нивната официјална веб-страница за идните најави. Минатогодишното патување завршило во Атина, додека еден корисник под објавата на „Miss Jo“ рекол дека сегашното патување завршило во Севиља.
Голема побарувачка
„Како и минатиот пат, билетите беа достапни исклучиво за членовите, исклучиво за поени, а беа распродадени за само четири минути“, објасниле од авиокомпанијата.
Компаниите како „Wowcher“ исто така организираат неколку таканаречени „Mystery Holiday“ патувања секој месец со дестинации кои не се ограничени само на Европа, што значи дека многу лесно може да завршите на Малдиви, Бали или на некоја друга егзотична локација.