Компанијата "Никола" пропадна и објави дека ќе се обиде да ја продаде целата или најголемиот дел од својата имотна сопственост, откако се соочи со забрзано трошење на ликвидните средства и тешкотии во прибирањето капитал во последните неколку квартали. Овој развој на настаните означува крај на едно турбулентно поглавје за компанијата, обележано со чести промени во раководството, нестабилна продажба и драматичен пад на вредноста на акциите.
Многу компании за електрични возила што излегоа на берза за време на пандемијата, ветувајќи револуција во индустријата – како "Fisker", "Proterra" и "Lordstown Motors" – исто така, поднесоа барања за стечај во последниве години. Причината за тоа е исцрпувањето на финансиските средства неопходни за капитално интензивни операции, што дополнително се отежна со високите каматни стапки и намалената побарувачка, пишува "CNN".
"Никола" наведе дека одлучил да започне процес на продажба на имотот со цел максимизирање на неговата вредност и обезбедување на уредно затворање на бизнисот. Компанијата сепак ќе продолжи со одредени активности поврзани со камионите на терен и полнењето со водород до крајот на март.
Според судските документи, компанијата пријавила имот во вредност од 500 милиони до 1 милијарда долари, додека проценетите долгови изнесуваат меѓу 1 и 10 милијарди долари. Никола, со седиште во Феникс, Аризона, беше основана пред повеќе од 10 години, а на берзата излезе во јуни 2020 година. Првиот камион го испорача во декември следната година.
Компанијата влезе на берзата преку спојување со "SPAC" (Special Purpose Acquisition Company), а нејзината вредност експлодираше на над 27 милијарди долари, иако во тој момент сè уште немаше произведено ниту едно комерцијално возило. Партнерствата со големи имиња како "General Motors" дополнително го зголемија оптимизмот кај инвеститорите.
Основачот осуден
"Nikola Corporation" беше основана од Тревор Милтон во 2015 година, со амбициозна цел да создаде електрични и водородни камиони што ќе ги заменат традиционалните дизел-возила. Компанијата брзо привлече внимание со големите ветувања за иновативна технологија, вклучувајќи го камионот "Nikola One", кој требаше да користи водородни горивни ќелии за нулта емисија.
Во октомври 2022 година, поротата во Њујорк го прогласи Тревор Милтон за виновен по обвиненијата за мамење инвеститори и електронска измама. Обвинителите од Канцеларијата на државниот обвинител за Јужниот округ на Њујорк тврдеа дека Милтон давал лажни и измамнички изјави за речиси сите аспекти на работењето на компанијата, особено за развојот на електричните и водородни камиони.
Еден од клучните докази се однесуваше на "Nikola One", прототип на водороден камион. Милтон тврдеше дека возилото е целосно функционално, но истрагата откри дека немало клучни делови, вклучувајќи мотор и управувачки систем.
Во 2018 година, Милтон објави видео на платформата X (поранешен Twitter), на кое се гледа како камионот возел по рамна патека. Но, според американското Министерство за правда, сè било измама.
„Всушност, за да се направи снимката, "Nikola One" беше извлечен на врвот на рид, каде што возачот ги ослободил кочниците, а камионот потоа се спуштил надолу и запрел пред знак за стоп“, стои во извештајот на Министерството.
Во 2023 година, Милтон беше осуден на четири години затвор за измама и манипулирање со инвеститорите во врска со технологијата на електричните и водородни камиони.
Се чинеше дека компанијата ќе закрепне, но не успеа
По заминувањето на Милтон, раководењето со компанијата го презеде искусниот индустриски експерт Стивен Гирски, поранешен аналитичар во "Morgan Stanley" и висок менаџер во "General Motors". Тој стана четвртиот извршен директор на "Никола" за само четири години, преземајќи ја функцијата во август 2023 година.
Преку својата "SPAC" компанија "VectoIQ Acquisition Corp", Гирски ја изведе "Никола" на берзата.
Во 2024 година, компанијата го зголеми производството на камиони со водородни горивни ќелии, но се соочи со проблеми во прибирањето дополнителни финансиски средства. Со загуби по продадено возило во стотици илјади долари, нивните ликвидни средства се трошеа со забрзано темпо.
Покрај тоа, превозниците беа претпазливи при инвестирањето во инфраструктура за полнење водород и воведување електрични камиони во своите флоти, бидејќи високите каматни стапки ги намалија нивните буџети. Ова дополнително го отежна работењето на компании како "Никола", кои на крајот не успеаја да преживеат на пазарот.