Ако се прашувате какво ќе биде новото Југо, одговорот е едноставен – како и оригиналот, тоа ќе биде мал и достапен автомобил, поставен на модерна платформа од стратешки партнер и ќе биде исклучиво со бензински мотор.
Првиот прототип во возна состојба ќе биде претставен во 2027 година на Саемот за автомобили во Белград, пишува порталот "Klix.ba".
Застава Југо беше голем домашен и извозен успех – симбол на југословенската гордост и достапен автомобил кој, по завршувањето на производството, стекна култен статус.
Овој тривратен субкомпактен модел беше лансиран на тогашниот домашен пазар пред речиси 45 години. Се базираше на технологија на "Fiat", поточно на механиката на "Fiat 127", и се произведуваше во фабриката Црвена Застава во Крагуевац. Беше исклучително популарен, а неговата продажба се прошири и во странство, каде што најпрво предизвика интерес, а потоа и разочарување.
Како „југословенското ѓубре“ стекна култен статус во САД
Една од најинтересните епизоди во историјата на Југо беше неговата продажба во САД. Со почетна цена од само 3990 долари, значително ја поткопа конкуренцијата на американскиот пазар.
Постоеше и кабриолет верзија, додека Застава продолжи да работи на разни изведби, иако повеќето никогаш не стигнаа до продажните салони. Успешниот извоз беше прекинат од војната во Југославија, но производството подоцна продолжи. Југо помина низ два големи редизајни и остана на пазарот до 2008 година.
Првите скици веќе се објавени
За време на својот производствен век, Југо претставуваше основно превозно средство, но во последниве години стана икона на поп-културата. Сега се планира негово враќање, но во целосно ново руво.
Првите скици од новото Југо веќе се претставени пред јавноста, а оваа година треба да биде прикажан модел во природна големина. Службеното деби е планирано за Белград Експо 2027, кога ќе биде презентиран првиот прототип во возна состојба.
Овој амбициозен проект е замислен од проф. д-р Александар Бјелиќ, истакнато име во германската автомобилска и снабдувачка индустрија, кој веќе обезбеди меѓународни права на заштитниот знак.
Бјелиќ, кој речиси дваесет години работи на високи маркетинг-позиции, по професија е инженер и економист. Предавал на колеџот во Ален, кај Штутгарт, како и на Економскиот факултет во Белград.
Почетното финансирање на правата на брендот, концептот и дизајнот го води самиот Бјелиќ, но не се сомнева дека ќе привлече развојни и инвестициски партнери. За дизајнот е заслужен српскиот дизајнер Дарко Марчета, кој со првите рендери совршено ги доловил пропорциите и духот на класичниот Југо.
Неговиот ретро-футуристички стил малку потсетува на "Hyundai Ioniq 5" и концептот "N74," но самиот Марчета истакнува дека сопствениците на Југо секогаш сакаат да го „протресат“ својот автомобил, што го инспирирало тоа да го примени уште во основниот дизајн на новиот модел.
Засега само бензинска верзија
За разлика од споменатите корејски модели, новиот Југо ќе биде позициониран како прифатлив автомобил за почетници. Техничката основа ќе биде проверена платформа од партнерска компанија, чиј идентитет Бјелиќ сè уште не сака да го открие.
Новото Југо ќе ги задоволува сите еколошки и безбедносни стандарди и ќе остане верен на својата оригинална идеја – да биде достапен и едноставен автомобил.
Иако во иднина е можна и електрична верзија, планот е новото Југо да биде исклучиво со бензински мотор, со што дополнително ќе ја задржи својата прифатливост и возачка забава.