Д-р Кејла: „Денес не постои ниту една причина да се умре од овој тип на рак, а за еден симптом сите мора да знаат“

Точка

25/01/2025

17:29

3.564

Големина на фонт

а а а

Јануари е месец посветен на превенција од рак на грлото на матката, а европската недела на превенција од рак на грлото на матката оваа година се одржува од 20 до 26 јануари.

На глобално ниво, ракот на грлото на матката е четвртиот најчест рак кај жените, со 604.000 нови случаи во 2020 година.

Околу 90% од 342.000 смртни случаи предизвикани од рак на грлото на матката се случиле во земјите со низок и среден приход.

Кога ќе се дијагностицира, ракот на грлото на матката е една од најуспешно излечивите форми на рак, доколку се открие рано и ефикасно се управува.

Со сеопфатен пристап за превенција, преглед и лекување, ракот на грлото на матката може да се елиминира како јавно здравствен проблем во рок од една генерација.

Оваа година, информира Институтот за јавно здравје, месецот за подигање на свеста за ракот на грлото на матката, се одбележува под мотото „Учи, превенирај, направи скрининг“.

Ова ја нагласува потребата од едукација на луѓето со цел минимизирање на ризиците од рак на грлото на матката и важноста од редовните скрининзи.

Според податоците на Институтот за јавно здравје, карциномот на грлото на матката e шестиот најчест карцином кај жените во Македонија во последните 10 години, со инциденца од 17.57 на 100 илјади и просек од 51 смртни случаи годишно.

„Оваа болест често ги погодува помладите жени, а е трет најчест рак кај оние на возраст од 30 до 39 години. Жените често го занемаруваат своето гинеколошко здравје, не одат на редовни прегледи и одат на лекар само кога ќе забележат некакви промени или симптоми на болест кога е веќе предоцна и болеста земала замав“, зборува хрватската докторка Петра Кејла, специјалистка по гинекологија и акушерство посветена на женското здравје. Нејзината идеја е постојано да предупредува дека самите сме одговорни за себе и за нашите внатрешни органи. Таа едноставно, концизно и директно објаснила сè за ракот на грлото на матката, но и за другите „стапици“ на кои жените се изложени.

Кога ќе слушнеме дека некој близок има рак, сочувствуваме и размислуваме како тоа нам да не може да ни се случи. Колку жените сериозно се грижат за своето гинеколошко здравје и за здравјето воопшто?


Всушност многу малку или недоволно. Генерално, нивото на здравствена свест и писменост е многу ниско. Тоа е поврзано со целосен недостаток на здравствена едукација и локални навики. Многупати слушам од жени дека не биле на лекар од породувањето и тоа е затоа што сè било во ред. Ништо не ги болело.

Меѓутоа, во моментот кога ќе сфатиме дека „нешто не е во ред“, обично е доста доцна.“

Зошто редовните прегледи се толку важни, за кои тешки болести можеме да превенираме?

„Болеста која можеме многу ефикасно да ја спречиме и лекуваме е ракот на грлото на матката.

Грлото на матката е сместено во вагината, достапно е и со голо око се гледа секоја аномалија или поточно, со многу едноставно земање на брис или ПАП тест може да се утврди дали има некаква промена на него што би можела да прерасне во болест со текот на времето.

Многу е важно жените редовно да одат на овие прегледи, бидејќи денес не постои ниту една причина жените да умираат од рак на грлото на матката.

Треба да се прават прегледи еднаш годишно, освен ако не се најдени какви било промени кои бараат почесто следење.“

Дали ХПВ е единствената причина за рак на грлото на матката?


„Најважната причина за оваа болест е хуманиот папилома вирус или скратено ХПВ.

ХПВ 16 и 18 предизвикуваат 70 проценти од карциномот на грлото на матката, ХПВ 31, 33 и 45 предизвикуваат дополнителни 20 проценти од болеста, а имаме некои карциноми на грлото на матката кои не се предизвикани од овој вирус, но тоа е многу редок случај предизвикан од друг тип на тумор или меланом на грлото на матката. Овие се ретки случаи, но постојат.

Она што може да не заштити е вакцинација против ХПВ на што поголем дел од населението.

Ако малкумина од нас се вакцинирани, тогаш таа една вакцина нема да не заштити. Голем процент од момчињата и девојчињата треба да се вакцинираат за таа да биде ефективна. Инаку, една вакцина може да не заштити многу долго, но не и доживотно ако нашата околина или партнерите се невакцинирани“, зборува д-р Петра

Зошто е важно редовно да се прави ПАП тест?

„Жените генерално мислат дека ако имаат уреден ПАП тест, дека е сè во ред.


Всушност, ПАП тестот е скрининг тест за рак на грлото на матката. Од земениот примерок, цитологот може да види дали има некакви промени во клетките. Овие промени може да бидат со низок или висок степен.“

На што укажуваат ознаките ЦИН1, ЦИН2, ЦИН3?

„Слузницата е еден слој на клетки што се протега до мембраната, односно остатокот од ткивото и можеме да ја видиме промената на самата површина на слузницата или подлабоко во мембраната. Овие промени се означуваат како ЦИН1, ЦИН2, ЦИН3.

Секако, доколку промената е низ целата слузница, има поголеми шанси да се развие рак на грлото на матката. Ако ткивото е пренесено и под мембраната, тоа значи дека болеста веќе настапила. Важно е да се нагласи дека длабоките промени на клетките траат неколку години, па ако откриеме аномалија на цин 1, имаме доволно време да го поправиме проблемот, кој можеби никогаш нема да прерасне во рак.“, продолжува докторката

Што се прави кога ќе се утврди дека некој има ЦИН1?

„Кај младите девојки тестот се повторува за шест месеци. Се зема предвид дали пациентката има ХПВ, а потоа се испитува самото грло на матката со колпоскопија, процедура со која се одредува дали дошло до промени во ткивото.

Важно е да се каже дека овие промени не мора нужно да бидат придружени со никакви дополнителни симптоми. Ова е уште една причина за редовни прегледи.

Кои се напредните симптоми кои можеме да ги препознаеме самите? Кои се промените?

„Симптомите кои укажуваат на болест се неправилно крвавење или крвавење после сексуален однос. Тоа е исто така знак дека болеста веќе напредувала.“


Дали е вистина дека повеќе од 80 проценти од жените во одреден момент ќе бидат заразени со ХПВ?

„Би рекла дека податоците се 100 проценти, но битно е каков тип на вирус. Веќе рековме, не сите видови предизвикуваат рак на грлото на матката. Тоа е вирус кој живее со нас и не сите форми се опасни. Некои ќе ни предизвикаат само брадавици, кои лесно можеме да ги отстраниме, на пример.“

Најнеодговорна група по возраст на жени за сопственото здравје

„Мојот прв импулс е сега да ги заштитам сите мои пациентки, но секако знам дека намерата е добра, па ќе одговорам. Ми се чини дека жените кои родиле, имаат кариера, сè им оди добро, немаат никакви проблеми, е тогаш жените го занемаруваат своето здравје затоа што им се чини дека сè е во ред.

Втората група се жени кои долго време немаат партнер, немаат посебни тегоби и затоа не гледаат потреба од редовна контрола. Важно е да се запамети дека не сме жени затоа што имаме партнери или сексуални односи. Ги имаме органите со или без партнер. Со партнерот поврзуваме само бременост или сексуално пренослива болест, сите други болести се исклучиво поврзани со нас самите“, децидна е докторката.


На што особено треба да обрнат внимание жените педесет плус?

„Не е редок случај да заболите од ХПВ на 17 години, а тој да се активира после педесеттата. Затоа се неопходни редовни прегледи, бидејќи постои и ризик од рак на јајниците, како и рак на матката.

Секако, тука е и приказната за менопаузата, која носи свои проблеми, како што се топли бранови, ноќно потење, несоница и мозочна магла. Исто така, доведува до атрофија на мукозната мембрана, воспаление на уринарниот тракт, инконтиненција и непријатен, болен сексуален однос.

Сето тоа може убаво да се санира и квалитетот на животот може повторно да биде добар“, заклучува д-р Кејла.