Го пронашол рајот на земјата, нацртал мапа и ја споделил со својата девојка – неколку години подоцна сè било уништено

Точка

05/06/2023

18:37

17.867

Големина на фонт

а а а

Костас Крист го посетил Ко Панган во Тајланд во 1979 година, кога имал само 20 години. Тој убедил еден рибар да го однесе на тајно место. Таму останал неколку недели трагајќи по авантури.

Неодамна признал дека се чувствува виновен што ја споделил информацијата за постоење на таен рај на земјата со остатокот од светот, бидејќи тоа довело до трупање отпад на некогашната тајна локација, на која оделе само локалните жители.

„По неколку часа пешачење по брегот и пробивање низ грмушките, поминав покрај рибарските колиби и наидов на плажата Хет Рин. Мислев дека го пронајдов рајот. Отседнав кај еден тајландски пар во импровизирана колиба. Јас бев првиот западен турист кој некогаш го виделе“, рекол тој.


Скриената плажа станала место за забави

Во документарниот филм „The Last Tourist“, кој зборува за проблемите на масовниот туризам, Костас рекол дека локацијата на плажата ја споделил со својата девојка, што се покажало како голема грешка. Неа ја запознал во Бангкок, заедно го посетиле Ко Панган и повторно отседнале кај тајландскиот пар. Костас нацртал мапа до скриената плажа, а кога раскинал со девојката, никогаш повеќе не ја видел ни картата.

Брзо се проширила веста за неговиот таен рај. Рибарските колиби станале барови, а песочните патеки биле претворени во асфалтирани патишта. Кога по две години се вратил на тоа место, мештаните кои го угостиле биле избркани од нивниот дом. Но, најлошото допрва следело – на тоа место започнале забави наречени „Full Moon Party“, на кои доаѓале илјадници туристи.

Бил шокиран од забавите и отпадот на плажата

Тој не бил целосно свесен за она што го направил додека не прочитал напис во „New York Times“ во 1993 година.

„Видов фотографија од плажата на која се одржувале техно забави. Беше целосно надвор од контрола, купишта ѓубре, тоа ме убиваше. Во однос на 14 години претходно, местото беше уништено“, рекол Костас.


Тој чувствува одговорност поради откривање на плажата Хет Рин на целиот свет и станал поборник за одговорно патување. Костас помогнал да се воспостават критериумите на ОН за одржлив туризам.

„Целта не е да се запре патувањето, туку тие да бидат исправни. Постои разлика помеѓу промена и уништување. За жал, светскиот туризам е повеќе негативен отколку позитивен за локалното население и планетата. Она што ми дава надеж е дека сега постои јасен начин и подобро разбирање за тоа како туризмот да се направи позитивна сила која може да помогне да се зачува природата, да се ублажи сиромаштијата и да се заштити културното наследство“, вели тој.


Неговата приказна е слична на онаа на филмот „The Beach“ од 2000 година. Филмот предизвика голема еколошка штета бидејќи милиони луѓе се упатиле да ја видат локацијата на која се снимал тој.



Спонзорирани линкови

Маркетинг