Платформата за резервации на патувања „Омио“ спроведе анкета за да открие кој европски град е најдобар во однос на здравјето на жителите и туристите, а врз основа на 17 фактори, Мадрид го зазеде првото место.
Нашето здравје и благосостојба во урбаните средини се под влијание на многу фактори – од квалитетот на воздухот и нивото на загадување, до пристапноста за пешаците и достапноста на фитнес центрите.
Платформата „Омио“ анализирала 17 различни критериуми со цел да ги рангира европските градови во однос на општата благосостојба и здравјето. Биле земени предвид фактори како што се нивото на загадување, квалитетот на зелените површини, бројот на спа центри, теретани и фитнес сали, нивото на бучава и бројот на сончеви денови.
Градот кој го освои првото место, со вкупен резултат од 78,62 од можни 100 поени, беше Мадрид.
Според резултатите од истражувањето, шпанската престолнина добила високи оценки во сите категории, особено благодарение на високиот квалитет на живот, дури 360 спа центри и 2.712 сончеви часови годишно. Впрочем, Мадрид неодамна беше вброен во најсончевите главни градови во Европа.
Второто место го освои Лисабон, со резултат од 75,36 поени. Со оглед на тоа што градот неодамна најави формирање на нови „зони на тишина“ и ги отвори некои од своите најзелени паркови, оваа позиција не е изненадувачка.
Од друга страна Виена го зазеде третото место, додека остатокот од листата на најдобри европски градови за здравје и благосостојба изгледа вака:
1. Мадрид
2. Лисабон
3. Виена
4. Прага
5. Амстердам
6. Хелсинки
7. Копенхаген
8. Талин
9. Рим
10. Загреб
11. Будимпешта
12. Љубљана
13. Берн
14. Берлин
15. Луксембург
16. Рига
17. Софија
18. Вилнус
19. Атина
20. Стокхолм
21. Ереван
22. Рејкјавик