„Замастените крвни садови не настануваат преку ноќ, тоа е тивка, но упорна болест на модерниот начин на живот“, советуваат докторите.
„Првиот чекор кон здрави артерии е промена на исхраната: исфрлете ги преработените масти, шеќери и белото брашно, а воведете маслиново масло, јаткасти плодови, риба и многу зеленчук. Секој ден може да го поминете без цигари и со 30 минути пешачење, а така ќе си го продолжите животот. Крвните садови паметат сѐ, и лошите навики и вашата грижа за здравјето“, советува доктор.
Замастените крвни садови (атеросклероза), не само што го зголемуваат ризикот од срцев и мозочен удар туку и го забрзуваат процесот на стареење на организмот.
Според зборовите на докторите, постојат јасни знаци кои телото ви ги испраќа кога крвните садови се затнати, а игнорирањето на тие симптоми може да има сериозни последици врз здравјето.
Ова се едни од најчестите знаци кои можат да се појават:
1. Ладни раце и нозе – кога крвта не може слободно да циркулира, екстремитетите први ги добиваат последиците. Доколку постојано ви се ладни прстите на рацете и нозете, тоа може да биде знак на лоша циркулација.
2. Болка во листовите на нозете при одење (клаудикација) – болката која се јавува во мускулите на нозете, особено при физичка активност, може да укажува на периферна артериска болест, односно стеснување на крвните садови во нозете.
3. Умор и слабост – доколку се чувствувате исцрпено и без енергија иако доволно сте спиеле, тоа може да биде последица на намален доток на крв и кислород во мускулите и мозокот.
4. Заборавеност и конфузија – лошата циркулација во мозокот може да доведе до проблем со концентрацијата, ментална магла и губење на помнењето, што може да биде сигнал дека мозочните артерии не се здрави.
5. Еректилна дисфункција кај мажите – може да биде прв знак за затнати крвни садови затоа што крвните садови во половите органи се многу чувствителни на намален доток на крв.
6. Гради кои ве стегаат и чувство на притисок – болката во градите или непријатно чувство, особено при напор или стрес, може да укажува на коронарна болест на срцето како последица на стеснети артерии кои го снабдуваат срцето со крв.
7. Жолтеникави наслаги околу очите – овие наслаги на холестерол под кожата, особено околу очниот капак, можат да бидат предупредување дека имате зголемено ниво на холестерол и потенцијално затнати крвни садови.
8. Висок крвен притисок – често се развива тивко, а може да биде последица на отпор којшто го создаваат стеснетите крвни садови низ кои срцето мора да пумпа крв.
9. Брзо стареење на кожата – кожата ја губи еластичноста, станува бледа или сува затоа што не добива доволно хранливи материи по пат на крвта.
Што може да направите?
Докторите советуваат редовно да го проверувате нивото на холестерол и триглицериди, крвниот притисок и шеќерот во крвта, а во случај на сомнителни симптоми веднаш да се обратите на доктор.
Исхраната треба да ви биде богата со растителни влакна, омега-3 масни киселини и антиоксиданти, како и редовно да се движите.