„Помрачувањето на векот“ пристигнува во 2027 година: Подгответе ги пасошите за овие градови, подолго затемнување нема да има до 2114 година

Точка

21/10/2026

10:41

691

Големина на фонт

а а а

Целосното затемнување на Сонцето на 2 август 2027 година ќе трае подолго од шест минути, а ниту едно до крајот на 21 век нема да го надмине по времетраење.

Месечината на 2 август 2027 година целосно ќе го прекрие Сонцето долж патеката што се протега од јужна Шпанија, преку северна Африка, до Блискиот Исток. Тоа ќе биде второто најдолго целосно затемнување на Сонцето во 21 век. На местото каде што ќе трае најдолго, целосното затемнување ќе трае шест минути и 23 секунди, повеќе од двојно подолго од она во 2026 година. Подолго затемнување нема да има сè до јуни 2114 година.

Временските услови имаат големо значење за патниците кои одат да го набљудуваат затемнувањето, а терминот и локацијата на настанот во 2027 година би можеле да понудат поповолни услови. Голем дел од патеката минува низ некои од најсушните предели на северна Африка, каде што почетокот на август обично носи ведро небо и малку дожд.

Ако сте подготвени за патување, ви предлагаме некои од најдобрите места за набљудување на целосното затемнување на Сонцето во 2027 година:

Луксор, Египет

Ако сакате да го набљудувате целосното затемнување што е можно подолго, тешко дека можете да најдете подобро место од Луксор. Во овој древен град целосното затемнување ќе трае околу шест минути и 22 секунди.


Според податоците на веб-страницата „Time and Date“, голема е веројатноста небото да биде ведро. Историските податоци од 2000 година наваму покажуваат дека просечната облачност на 2 август изнесувала нула отсто.

Џеда, Саудиска Арабија

Во Џеда, на брегот на Црвеното Море, целосното затемнување ќе трае речиси шест минути, што е само малку пократко од неговото максимално времетраење.


Според историските податоци, облаци имало во приближно 31 отсто од времето на 2 август. Градскиот кварт Ал Балад, кој се наоѓа на листата на светско наследство на УНЕСКО, плажите, локалната кујна и нуркачките излети се дополнителни причини да поминете уште неколку дена во овој град.

Тарифа, Шпанија

Патниците кои сакаат да останат во Европа можат да се упатат кон Тарифа, на самиот југ на Шпанија, покрај Гибралтарскиот проток. Во овој познат приморски град, популарен меѓу љубителите на водените спортови, целосното затемнување ќе трае околу четири минути и 40 секунди.


Историските податоци укажуваат дека на 2 август облаци има во само околу 13 отсто од времето, па песочниот брег би можел да биде особено привлечно место за набљудување на затемнувањето.

Тангер, Мароко

Сместен од другата страна на Гибралтарскиот проток, Тангер ќе доживее речиси пет минути темнина пред Сонцето повторно да се појави над овој марокански приморски град.


Врвот на затемнувањето ќе настапи околу 8:47 часот наутро, па остатокот од денот ќе ви остане за обиколка на градските плажи, посета на кафулињата и уживање во луксузното сместување. Кога станува збор за облачноста, историските податоци од 2000 година наваму покажуваат дека на 2 август облаци имало во приближно 42 отсто од времето.