Човекот во кожена јакна и наводната шпионка од Кина: Конгресот бара итни одговори

Точка

06/11/2026

18:31

723

Големина на фонт

а а а

Шефот на „Nvidia“ е повикан на сослушување зад затворени врати по обвинувањата за тајни врски со наводна кинеска оперативка и протекување на чувствителни технологии.

Републиканците што претседаваат со одбори во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес побараа од извршниот директор на технолошката компанија „Nvidia“, Џенсен Хуанг, зад затворени врати да го извести Конгресот за своите наводни врски со жена обвинета за шпионирање во корист на Кина, пренесе денеска порталот „Axios“.

Како што се наведува, од него е побарано да го објасни својот однос со Алис Хуанг, директорка на сингапурската компанија „Megaspeed“, обвинета за шпионирање во корист на Кина.


Повикувајќи се на пишувањето на весникот „The New York Times“, порталот пренесе дека Џенсен Хуанг и Алис Хуанг наводно биле во „блиски“ односи.

Весникот наведе и дека разузнавачки функционери го известиле претседателот Доналд Трамп за нивниот однос и за обвинувањата дека Алис Хуанг е шпионка, но тој решил да не преземе ништо.


Весникот „The Wall Street Journal“ подоцна објави дека функционери во најмалку три земји изразиле загриженост дека Алис Хуанг ѝ пренесува информации на кинеската влада, меѓу кои и чувствителни детали за чиповите на „Nvidia“, една од водечките компании во индустријата за полупроводници и технологија.

Компанијата ги отфрли овие наводи, нагласувајќи дека контактите меѓу Џенсен Хуанг и Алис Хуанг биле исклучиво од рутинска деловна природа.

Кинеската влада претходно ги оцени обвинувањата дека ја шпионира компанијата „Nvidia“ како „неосновани шпекулации“.


„Состаноците со клиентите се дел од работата на извршниот директор. Џенсен секоја година разговара со илјадници раководители од компаниите што ни се клиенти“, соопшти „Nvidia“.

Од компанијата додадоа дека нивните регионални клиенти во областа на облачното пресметување добиваат вообичаени деловни информации, без пристап до чувствителни деловни тајни или до какви било податоци од значење за националната безбедност.


Републиканските конгресмени Брајан Џ. Маст, Џон Муленар и Рик Крофорд во четвртокот му испратија писмо на Џенсен Хуанг, барајќи од него да учествува на заедничка седница на одборите на Претставничкиот дом со кои претседаваат.

Станува збор за Одборот за надворешни работи и за посебните одбори за Комунистичката партија на Кина и за разузнавачки прашања, наведува „Axios“.


Во писмото се бараат одговори за протоколите што ги применува „Nvidia“ за да се заштити од странски противници, како и за контактите со Алис Хуанг.

„Неодамнешните извештаи отвораат сериозни прашања за националната безбедност во врска со пристапот на Кина до чувствителни американски технологии и информации“, се наведува во писмото. Во него се додава дека е од суштинско значење Конгресот да утврди во која мера е загрозена националната безбедност на САД.