„Anthropic“ воведува финансиски советник со вештачка интелигенција: Ќе може да ги анализира личните финансии на корисниците, но нема да може да повлекува пари

Точка

09/11/2026

19:34

476

Големина на фонт

а а а

Американската компанија „Anthropic“ претстави нова функција со вештачка интелигенција за својот четбот „Claude“, посветена на личните финансии, која им овозможува на корисниците да ги поврзат банкарските сметки и кредитните картички и да поставуваат прашања за потрошувачката, приходите, состојбата на сметките и долговите.

Новата функција ја користи инфраструктурата на компанијата „Plaid“ за поврзување со финансиските институции, а пристапот до податоците е исклучиво од информативен карактер.

Во практика, тоа значи дека „Claude“ може да ги анализира трансакциите и состојбата на сметките, но не може да префрла пари, да управува со средствата или да инвестира, пренесува „TechCrunch“.


Корисниците можат, на пример, да побараат преглед на месечната потрошувачка, нејзина распределба по категории како домување, сметки, храна и купување, како и споредба со претходните периоди.

Системот може да ги анализира трансакциите од повеќе поврзани сметки и да укаже на можни двојни наплати, неочекувани надоместоци и постепен раст на редовните сметки.


„Claude“ може и да процени дали корисникот троши повеќе отколку што заработува, како и да објасни финансиски поими и да пресмета колку пари биле издвоени за камати во текот на претходната година.

„Anthropic“ наведува дека пристапот до податоците е ограничен на називот на банката, името и видот на сметката, последните четири цифри од бројот на сметката, состојбата, кредитните лимити и историјата на трансакции за период до две години.


Компанијата соопшти и дека разговорите во рамките на новата функција не се користат за тренирање на нејзините модели на вештачка интелигенција.

Со овој потег „Anthropic“ влегува во конкуренција со компанијата „OpenAI“, која во мај претстави слични алатки за лични финансии во рамките на својот четбот „ChatGPT“.