Климатските рекорди продолжуваат да се нижат, а податоците од европската програма „Коперник“ покажуваат дека планетата сè повеќе се приближува до границата на затоплување од 1,5 степени Целзиусови.
Октомври 2026 година беше најтоплиот октомври во историјата на мерењата на глобалните температури и трет последователен месец во кој беше надминат прагот на затоплување утврден со Парискиот договор, соопшти денеска главната програма на Европската Унија (ЕУ) за набљудување на Земјата, која врши мерења на временските и климатските услови – „Коперник“.

Европската агенција наведува дека 2026 година е втората најтопла година во историјата, со 20 отсто шанси да се изедначи или надмине температурниот рекорд од 2024 година, пренесува „ABC News“.
Се очекува просечната глобална температура за четиригодишниот период меѓу 2023 и 2026 година да го надмине прагот од 1,5 степени Целзиусови.
Температурите на површината на морињата продолжија да растат, а просечната температура на површината на морето надвор од поларните региони беше највисоката досега забележана за октомври, со што беше урнат претходниот рекорд од 2023 година.

„Во тропскиот дел на Тихиот Океан Ел Нињо продолжува да зајакнува, при што температурата на површината на морето во регионот што научниците го користат како главен показател за следење и дефинирање на овој климатски образец достигна историски максимум. Таа температура сега ги надминува врвните вредности забележани за време на претходните многу силни епизоди на Ел Нињо“, наведува „Коперник“.
Новите рекорди ќе бидат тема на разговор меѓу светските лидери, климатските преговарачи, научниците и непрофитните организации во Турција, на годишната конференција на Обединетите нации за климата.

Се очекува конференцијата COP31 да се фокусира на претворањето на претходните обврски во конкретни резултати. Администрацијата на Трамп нема да испрати официјална делегација на САД, и покрај тоа што Соединетите Американски Држави се вториот најголем емитер на стакленички гасови во светот, веднаш зад Кина.











