Нова терапија драматично ги ублажува симптомите на болеста од која страда Селин Дион? „Првите резултати се многу охрабрувачки“

Точка

10/11/2026

18:06

422

Големина на фонт

а а а

Лекарите веруваат дека се на пат да постигнат голем напредок во потрагата по терапија за синдромот на вкочанета личност (СПС), автоимуно заболување од кое боледува и славната пејачка Селин Дион, пишува „Гардијан“.

Синдромот на вкочанета личност е ретка болест што го зафаќа централниот нервен систем и може да предизвика сериозна вкочанетост на целото тело и болни мускулни грчеви. И покрај децениските истражувања, сè уште не постои лек за ова заболување.

Меѓутоа, тим невролози од САД, кои испитуваат нов облик на имунотерапија, објавија „возбудливи“ и „многу охрабрувачки“ резултати: терапијата довела до драматично подобрување на состојбата кај луѓето кои живеат со синдромот на вкочанета личност (СПС).


Пациентите на кои претходно им била потребна помош при извршувањето на основните секојдневни активности и кои имале сериозни тешкотии со движењето, повторно ја стекнале способноста да учествуваат во секојдневниот живот. Некои од нив дури се вратиле на работа и продолжиле со своите хобија, наведуваат лекарите од клиниката „Мејо“.

Овој нов метод, познат како „CAR-T“ клеточна терапија, веќе се користи за лекување одредени видови рак и функционира така што ги репрограмира сопствените имунолошки клетки на пациентот за да се борат против болеста. Во текот на студијата, од пациентите со СПС биле земени Т-лимфоцити (вид имунолошки клетки), кои потоа биле генетски модифицирани за да ги уништуваат клетките што ја предизвикуваат болеста.


Невролозите наведуваат дека резултатите, објавени во научното списание „ЈАМА Неуролоџи“, се особено возбудливи бидејќи пациентите успеале да се вратат на активности за кои стравувале дека никогаш повеќе нема да можат да ги извршуваат.

„Она што остави најсилен впечаток беше степенот на подобрување што го забележавме кај одредени пациенти. Со постојните терапии можеме донекаде да ги ублажиме симптомите, но многу ретко гледаме пациентите да се вратат на претходното ниво на функционирање. Овие првични резултати се многу охрабрувачки, а клучното прашање сега е дали подобрувањата ќе се одржат со текот на времето“ изјавила д-р Анастасија Зекериду, невролог и истражувач на клиниката „Мејо“ во Рочестер.


Џонатан Волден, еден од пациентите кои учествувале во студијата, бил во состојба во која му била неопходна помош од семејството за одење и за задоволување на основните секојдневни потреби. Меѓутоа, по „CAR-T“ терапијата, тој се вратил на работа.

„Можам да одам на работа секој ден. Можам да правам сè што правев и претходно. Одам на лов, можам да одам и на риболов. Не сум имал ниту една епизода на грчеви откако ја примив терапијата“, изјавил тој.


Шери Сент Џермен, уште една пациентка, страдала од силни грчеви во нозете и отежнато одење, а подоцна и од вкочанетост на мускулите и падови. Сепак, по „CAR-T“ терапијата, нејзината состојба значително се подобрила. Како што изјавила, секој ден се чувствува „сè подобро и подобро“.


„По третманот, еден ден станав и си помислив: „Навистина се чувствувам добро“, па отидов да пешачам на лента за трчање“ раскажала таа. „Мојот сопруг дотрча бидејќи плачев и ме праша: „Дали си добро?“, а јас му одговорив: „Штотуку пешачев седум минути на лентата“, додала таа.


Д-р Шон Питок, раководител на Одделот за неврологија на клиниката „Мејо“, изјавил дека „CAR-T терапијата веќе го промени начинот на лекување на одредени видови рак“, како и дека дури сега почнуваат да го согледуваат „нејзиниот потенцијал и кај автоимуните невролошки заболувања“.

„Резултатите кај синдромот на вкочанета личност влеваат огромна надеж – не само кај луѓето кои живеат со оваа болест, туку потенцијално и кај пациентите со други невролошки заболувања посредувани од имунолошкиот систем, за кои можностите за ефикасно лекување сè уште се ограничени. И понатаму има многу работи што треба да ги научиме, но ова отвора возбудлива нова насока во оваа област“ изјавил тој.

Селин Дион во декември 2022 година објави дека ѝ е дијагностициран синдромот на вкочанета личност (SPS). Во видеоснимка објавена на Инстаграм, таа им соопшти на своите обожаватели дека ова заболување влијае врз „секој аспект од нејзиниот секојдневен живот“, вклучително и врз нејзиниот глас.