Јавноста деновиве е поделена по одлуката на Агенцијата за филм да поддржи документарен проект инспириран од животната приказна на Марко Маринковиќ – Слаткар.
Додека едни ја поздравија одлуката и му честитаа за проектот, други упатија критики, обвинувајќи го дека ќе користи државни средства за лична промоција.
Слаткар претходно појасни дека документарниот филм не е посветен исклучиво на неговиот живот, туку ја обработува темата на пелтечењето – предизвик со кој се соочуваат голем број деца. Во рамки на проектот е претставено и неговото лично искуство, односно начинот на кој музиката и пишувањето текстови му помогнале да ја надмине оваа говорна пречка и да го пронајде својот глас.
По бројните реакции во јавноста, раперот преку социјалните мрежи соопшти дека се откажува од средствата одобрени за реализација на проектот, нагласувајќи дека тие не биле наменети за него лично, туку за тимот што стои зад документарецот.
Во својата објава тој порача:
„Деновиве читам секакви коментари и вести. И повторно гледам колку лесно судиме, а половично знаеме или воопшто не знаеме. Сакам една работа да биде јасна... ниту барав, ниту мене ми се доделени пари. Поддршка доби документарен филм и еден многу посветен тим кој веќе две години работи на приказна што преку мојот живот зборува за многу повеќе од мене.

И искрено сум благодарен на Комисијата од @filmagency.northmacedonia која ја препозна важноста на оваа тема. Но, не сакам проектот кој зборува за разбирање, прифаќање и поддршка да започне со поделби. Затоа одлучивме филмот да се реализира без средствата доделени од Агенцијата за филм. Продолжуваме понатаму… Заедно со сите наши поддржувачи, соработници и пријатели на кои сум им неизмерно благодарен. И со најважната поддршка од вас луѓето кои ме сакаат, почитуваат и ценат ❤️
Светот ќе го чуе гласот на најтивките 💯
Се гледаме на премиера 💪“.

Набргу по објавата на Слаткар, со поддршка се огласи и неговата сопруга Сања Николиќ, која досега не коментираше јавно за случајот.
Таа ја сподели неговата порака на својот Инстаграм-профил, додавајќи:
„А приказната од зад камерите е поинаква... секогаш искрена, но понекогаш доста тешка. И тој... еден и свој“.











