Силвестер Сталоне отворено проговорил за почетоците на повеќедеценискиот конфликт со Арнолд Шварценегер, откривајќи како започнало нивното ривалство и на кој начин, по долгогодишната нетрпеливост, станале блиски пријатели.
Сталоне (80) за време на гостувањето во четвртокот во поткастот „The Rest Is Entertainment“ изјавил дека тој и Шварценегер (79) уште од самиот почеток имале непријателски однос. Нивното ривалство произлегло од желбата и на двајцата да бидат водечки ѕвезди во жанрот на акционите филмови.
Тој се присетил дека уште тогаш знаел оти Шварценегер ќе му претставува проблем. Како што раскажал, ѕвездата на филмот „Терминатор“ во една прилика, на доделувањето на Златните глобуси, го погледнала со непријателски израз на лицето. Кога следниот пат се сретнале, Сталоне демонстративно фрлил сад со цвеќе кон него.

„Се преправав дека славам, како: ’Јеееј!‘ И тогаш беше фрлена ракавицата и сè започна“, раскажал тој.
Сталоне додал дека неговиот ривал по природа бил склон кон натпреварување и дека двајцата биле физички силни и сакале меѓусебно да се предизвикуваат. Додека на кино-благајните се натпреварувале со хит-филмови како „Рамбо“ и „Командо“, нетрпеливоста се пренесувала и надвор од филмското платно.
„Беше многу напнато, верувајте ми, а јас уживав во тоа. Колку повеќе го лутев него, толку повеќе тој ме лутеше мене, а ние сè повеќе се трудевме да го снимиме следниот акционен филм со поголем нож, погласно оружје, повеќе мртви, подобра локација и така натаму. Сè стануваше сè поинтензивно“, нагласил Столоне.

Актерот, кој е татко на пет деца, открил дека нивното ривалство било толку изразено што за време на промоцијата на ресторанскиот синџир „Planet Hollywood“, чии соосновачи и инвеститори биле заедно со други познати личности во 1991 година, не можеле да поднесат да бидат на иста сцена.
Нивниот конфликт завршил дури 12 години подоцна, кога Шварценегер во 2003 година се вклучил во политиката и се кандидирал за гувернер на Калифорнија, на изборите на кои и победил.
Сталоне се присетил дека повторно го сретнал Шварценегер во една продавница за пури, каде што одлучиле да ги закопаат воените секири. Сфатил дека веќе не се конкуренти во филмската индустрија, па заедно запалиле пура. Оттогаш, како што вели, останале многу добри пријатели.

„Секогаш ќе се натпреваруваме. Тоа едноставно е во нашата природа и уживам во тоа“, рекол тој.
Додал дека веќе не се натпреваруваат кога станува збор за финансиите, бидејќи тоа одамна е зад нив.
„Нешто такво никогаш повеќе нема да се повтори – двајца актери од истиот жанр буквално да се натпреваруваат и на филмското платно и надвор од него“, заклучил тој.
Зборувал и за повредите во текот на кариерата
Актерот неодамна зборувал и за физичките последици од повеќедецениската кариера во Холивуд, за време на промоцијата на четвртата сезона од серијата „Tulsa King“.

Во разговор за „Fox News Digital“ открил дека работата на филмот „The Expendables“ од 2010 година му оставила сериозни последици врз грбот, вратот и рамената.
„Се повредив многупати, но по филмот ’The Expendables‘ завршив со девет операции на грбот, три операции на вратниот дел од ’рбетот и повреди на двете рамена. Беше брутално“, изјавил тој.
Признал и дека денес поинаку гледа на својата долгогодишна практика сам да ги изведува опасните сцени, без помош на каскадери.
„Мислам дека сум идиот што го правев тоа. Дали треба да бидам горд што самиот се уништив? Па, секако, не“, заклучил Сталоне.











