Игор Џамбазов има посебна причина повеќе да му се радува на Дојран. Познатиот актер, шоумен и музичар доби признание за промотор на градот Дојран и Дојранското езеро, а по тој повод откри дека планира и официјално да стане жител на ова место.
На свечената седница, организирана во Градскиот парк во Нов Дојран, по повод одбележувањето на 82 години од ослободувањето на Дојран од фашистичкиот окупатор, на Џамбазов му беше укажана особена чест со доделувањето на признанието од општината.
Признанието е благодарност од Советот на Општината и градоначалникот Илија Тентов за неговиот придонес во промоцијата на Дојран и езерото, а Игор со задоволство ја сподели радосната вест со јавноста.
Но, признанието не е единствената причина поради која Дојран за него има посебно значење. Џамбазов откри дека токму таму ги пронашол својот мир и среќа, но и новата верна пријателка Ферхунде, кучето од кое, како што вели, не се одвојува.
„Денес се навршуваат 82 години од ослободувањето на Дојран од фашистичкиот окупатор. По тој повод во Градскиот парк во Нов Дојран се одржа свечена седница на која ми беше укажана особена чест да бидам добитник на признанието од општината за промотор на градот Дојран и Дојранското езеро. Дојран е мојот мир, мојата среќа, мојата гордост и мојата последна животна станица. Дојран ми ја подари и последната љубов, мојата верна и неодолива Ферхунде. Веќе утре ќе аплицирам во општината за жителство и ќе побарам дојранска лична карта. Благодарност до Советот на општината и градоначалникот @iletentov , како и на сите мои драги дојранчани...
Народе, елајте уф Дојран!!!“, напиша Џамбазов на Инстаграм.













