Ѕвездата на серијата „Полна куќа“ за мрачната страна на славата: „Учиш што е понизност кога немаш пари“

Точка

07/11/2026

19:32

629

Големина на фонт

а а а

Џоди Свитин открила дека поради борбата со алкохолизмот ја потрошила целата заработка на лекување, работела во центар за одвикнување за да ги плати сметките, а новиот актерски ангажман го дочекала со само 190 долари на банкарската сметка.

Поранешната детска ѕвезда која се прославила со улогата на Стефани Танер во култната хумористична серија „Полна куќа“, отворено проговорила за тешките финансиски и животни последици од долгогодишната зависност.


Гостувајќи во поткастот „We’re Still Here“, актерката открила дека поради борбата со зависноста од алкохол и дрога останала без пари и била принудена да работи на обични работни места за да преживее.

Заработката од актерството ја потрошила на трошоци за лекување

Свитин раскажала дека нејзината борба со алкохолизмот започнала уште во тинејџерските години, набргу по завршувањето на снимањето на серијата во 90-тите години.

Сите пари што ги заработила глумејќи во омилената семејна хумористична серија на крајот ги потрошила на рехабилитација и лекување, поради што се нашла во ситуација да не може да си ги дозволи ниту основните животни потреби.


„Никогаш не сум била материјалист, но учиш што е понизност кога во продавница мораш да се вратиш и да ги оставиш производите на полицата затоа што немаш доволно пари на картичката“, раскажала актерката за моментите кога го допрела дното.

Работа во центар за одвикнување од зависности

Откако успеала да ја надмине зависноста, се вработила во центар за лекување зависности во Лос Анџелес за да може да ги покрие основните животни трошоци. Иако многу минувачи и клиенти биле изненадени кога ќе го виделе познатото лице од телевизиските екрани, Свитин истакнала дека ниту во еден момент не се срамела од чесната работа.


„Немав никакво его кога станува збор за тоа. Луѓето ме прашуваа што правам таму, а јас им одговарав: ’Ги плаќам сметките. Децата не можат сами да се издржуваат‘“, нагласила таа, додавајќи дека грижата за семејството секогаш ѝ била на прво место.

Враќање на малите екрани со само 190 долари на сметката

Дури ни ангажманот во продолжението на серијата, насловено „Пополна куќа“ (Fuller House), кое Нетфликс започна да го прикажува во 2016 година, не значел веднаш крај на нејзините финансиски проблеми.

Таа открила дека во текот на првата недела од снимањето морала да позајмува пари од други луѓе, а во моментот кога требало да ја добие првата актерска плата, на банкарската сметка имала само 190 долари.


„Имав среќа да доживеам многу навистина убави работи, но имав и моменти кога воопшто немав пари“, изјавила актерката, истакнувајќи дека низ сите животни подеми и падови научила да живее и со пари и без нив.