Македонското глумиште денес се простува од актерката: Која беше Ленче Делова – остави неизбришлива трага на филмската сцена, од „Чук-чук, Стојанче“ и „Во светот на бајките“ со која растеа генерации

Макфакс

16/02/2026

11:47

1.314

Големина на фонт

а а а

За многумина, таа беше дел од најубавите спомени – насмевката и гласот што нè пречекуваа во „Чук-чук, Стојанче“ и нè водеа „Во светот на бајките“. Но зад тие телевизиски моменти стоеше богата и посветена театарска кариера. Којa беше Ленче Делова – актерката со која пораснаа генерации?

Ленче Деловa почина вчера на 15-ти февруари.

Родена на 15 јуни 1948 година во Скопје, Делова својата актерска кариера ја започнала на само 16 години во Драмскиот младинско-детски театар, денешен Драмски театар – Скопје. Од 1970 година станува редовна членка на ансамблот, останувајќи му верна на театарот сè до пензионирањето во 2013 година.

Во текот на својата богата кариера освои бројни признанија, меѓу кои и наградата за животно дело „Војдан Чернодрински“ во 2006 година, како и престижната награда „13 Октомври“ за улогата на Офелија во претставата „Хамлет“ во 1978 година.

Денес се простуваме од најмилата актерка од детските тв серии.

Почина Ленче Делова.

Родена е на 15-ти јуни 1948 година...

Posted by Ѓорѓи Колозов on Sunday, February 15, 2026

Нејзиниот сценски опус е обемен и разновиден. Публиката ќе ја памети по улогите во претставите „Дундо Марое“, „Ништо“, „Егор Буличов и другите“, „Хамлет“, „Рибарски караници“, „Солунски патрдии“, „Виктор или деца на власт“, „Ивона, кнегиња бургундска“, „Игранка во времето на Лунаса“ и „Ни ќар, ни зијан“.

Но за многумина, Ленче Делова беше најпрво – ликот од детските телевизиски серии со кои растеа цели генерации. „Ајде да се дружиме“, „Чук-чук, Стојанче“, „Во светот на бајките“, „Македонски народни приказни“, како и ТВ-драмите „Илинка“, „Илинден“ и „Од денес за утре“, се само дел од остварувањата што ја направија блиска и сакана во домовите низ Македонија.

Со својот специфичен и автентичен сценски сензибилитет, Делова остави траен белег и во ТВ-драмите, радио драмите, сериите. Нејзиниот лик останува дел од колективната меморија – како топол глас, како мајчинска фигура, како присуство што нè учеше на емпатија и игра.


Македонското глумиште денес се простува од актерката Ленче Делова

Драмски театар Скопје ја информира јавноста дека погребот на актерката Ленче Делова е денес на Градските гробишта во Бутел. Семејството, роднините, колегите, пријателите и почитувачите ќе се простат од Ленче Делова од 11:00 часот во капелата на гробиштата Бутел по што ќе се изврши погребот.

Јавноста дополнително ќе биде информира за денот на комеморација што ќе се оддржи во нејзината матична куќа, Драмски театар Скопје