Жешкото попладне во Мелбурн со преку 30 степени Целзиусови, за малку ќе се претворело во општ хаос на теренот.
Шпанскиот тенисер Алехандро Давидович Фокина бил актерот на неверојатниот инцидент за време на мечот од второто коло на Австралија Опен против американецот Рајли Опелка, кога во еден момент тргнал кон трибините со намера физички да се пресмета со еден навивач.
Сè започнало кога харизматичниот Шпанец почнал да ја губи контролата над мечот. Иако водел со 2:0 во сетови, „бомбардерот“ Опелка впишал дури 40 асови и почнал да ја топи предноста на Давидович Фокина. Во четвртиот сет при резултат 2:1 за Американецот, Давидович Фокина побеснел.
Главната цел на неговиот бес била група навивачи кои со изгледот (долга брада и коса) потсетувале на Опелка, а кои за време на целиот меч биле прегласни. Меѓутоа еден од нив ја преминал границата и упатил непристоен гест кон Шпанецот, што беше капка што ја „прели чашата“.
Имено Давидович Фокина го оставил рекетот и бесно тргнал директно кон трибините, не тргнувајќи го погледот од провокаторите. Ситуацијата мирисала на физички инцидент, но тогаш на сцена стапил британскиот судија Нико Хелверт.
Гледајќи што се подготвува Хелверт буквално скокнал од неговото столче, претрчал дел од теренот и му го пресекол патот на популарниот „Фоки“. Тој успеал да го задржи Шпанецот, да го смири и убеди да се врати на неговата клупа. Веднаш потоа, Британецот остро ја опоменал групата навивачи, порачувајќи им да покажат почит, додека еден од нив саркастично го кренал палецот нагоре.

Благодарение на експресната реакција на Хелверт, мечот продолжил но овој инцидент секако ќе остане една од главните теми од второто коло во Мелбурн Парк.















