Переира ја потврди тезата на Лазаров: По ремито со Македонија, Салвадор ми кажа нешто што не се заборава

Дерби

21/01/2026

11:14

333

Големина на фонт

а а а

Македонските ракометари го завршија настапот на ЕП 2026 на третото место во својата група, па иако тоа не значи пласман во главната фаза, говори респектабилно за избраниците на Кире Лазаров кои ремизираа со силната Португалија и ја совладаа Романија.

Лазаров и по триумфот над Романија не пропушти да го спомене менталитетот како можеби и главен проблем за амбицијата да напредуваме како ракометна нација, но и елемент на кој нашата ракометна легенда и натаму ќе работи со оваа нова генерација репрезентативци.

За тоа колку е во право македонскиот селектор, индиректно потврди и неговиот повозрасен колега, португалскиот селектор Пауло Переира, кој синоќа заработи многу комплименти откако неговата селекција го шокираше главниот фаворит Данска во Хернинг и го освои првото место во групата.

Переира бил скромен и ги препишал заслугите за големата победа на своите ракометари, но го истакнал менталитетот како основен услов за остварување ваков резултат.

– Мора да поседувате одреден победнички менталитет и тоа е нешто што го употребуваме на последните големи натпреварувања.

– Нема да го заборавам она што ми го кажа Салвадор (португалскиот репрезентативец Салвадор Салвадор) во лифтот по ремито со Македонија. Во таков момент кога бевме разочарани, тој ми рече дека ако ја победиме Данска, ќе одиме со два бода во следната фаза.

– Тоа е вистинскиот менталитет кој ни е потребен, натпреварот со Данска можеше да биде полесен или потежок, но нашиот фокус постојано беше на тоа како можеме да стигнеме до победата, без разлика на пречките со кои ќе се соочиме, – рекол португалскиот селектор Переира.