Ненад Костески беше еден од играчите кои беа прозвани од селекторот Кирил Лазаров во најавата за мечот со Романија на Европското првенство, а судбината посака токму денсното крило да го има завршниот збор на последниот меч од групната фаза во Хернинг.
Македонија се одјави од континенталниот собир со тешка победа извојувана над Романија, а херој на мечот беше Костески кој постигна гол пред звукот на сирената.
Нашето крило постигна гол вреден 2 милиони денари (премија која ја ветија РФМ и Министерството за Спорт пред стартот на ЕП за секоја победа), па сосема очекувано, Костески не ги криеше емоциите во микс-зоната пред македонските новинари.
– Овој натпревар не можеше да заврши подобро за нас. Последните 25 минути видовме враќање од нивна страна, но на крајот од денот, можеме да бидеме задоволни и среќни од тоа што го направивме. Извојувавме победа, освоивме два бода против Романија и освоивме еден против Португалија која играше полуфинале на Светско првенство.
– Имавме кризен период кој успеавме да го пребродиме и останавме цврсто на земја до крај. Покажавме дека вредиме, сите момци го дадоа максимумот и треба да бидеме задоволни од оствареното на овој турнир, – изјави Костески.








