Двегодишно девојче е избрано за нова „жива божица“ во Непал, а членовите на нејзиното семејство во вторник ја однеле од нејзиниот дом до храмовата палата за време на најважниот хиндуистички фестивал во земјата.
Арјатара Шакја, стара 2 години и 8 месеци, е новата Кумари, или „девица божица“, која ја наследува својата претходничка, која по достигнувањето на пубертетот традиционално се смета за обичен смртник, пишува Си-ен-ен.
Која е Кумари?
Кумарите се избираат од кланот Шакја, кој припаѓа на заедницата Невар, домородна во долината Катманду. Тие се обожавани и од Хиндусите и од Будистите во претежно хиндуистичката нација. Девојчињата се избираат на возраст помеѓу две и четири години и мора да исполнуваат строги критериуми – мора да имаат беспрекорна кожа, коса, очи и заби и не смеат да се плашат од темнината.
За време на фестивалот Индра Џатра претходно овој месец, поранешната Кумари се возела во кочија влечена од верници. Кумарата секогаш носи црвена облека, косата ѝ е врзана во пунџа, а на челото има насликано „трето око“.
Вторникот го одбележа осмиот ден од Дашаин, 15-дневна прослава на победата на доброто над злото, а канцелариите и училиштата беа затворени за луѓето да можат да слават со своите семејства. Семејството, пријателите и верниците ја придружувале новата Кумари низ улиците на Катманду пред да влезе во храмот, кој ќе биде нејзин дом во следните неколку години.
Знак на почит и татковска гордост
Верниците се ределе за да ги допрат нозете на девојчето со челата, највисок знак на почит меѓу Хиндусите во хималајската нација, и ѝ нуделе цвеќе и пари.
Новата Кумари утре ќе ги благослови верниците, вклучувајќи го и претседателот. „Вчера таа беше само моја ќерка, но денес е божица“, рече нејзиниот татко, Ананта Шакја. Тој додаде дека постоеле знаци дека таа ќе стане божица уште пред да се роди. „Мојата сопруга сонуваше за време на бременоста дека е божица и знаевме дека ќе биде некој многу посебен“, додаде таткото.
Живот по божество
Поранешна Кумари, Тришна Шакја, сега 11-годишна, ја напуштила палатата низ задниот влез во носилка што го носеле нејзиното семејство и поддржувачи. Таа станала „жива божица“ во 2017 година.
Семејствата од кланот Шакја кои ги исполнуваат условите се натпреваруваат за нивните ќерки да бидат избрани, бидејќи семејството Кумари добива висока позиција во општеството. Сепак, Кумарите живеат осамен живот. Тие имаат малку пријатели со кои можат да си играат и им е дозволено да излегуваат само неколку пати годишно за време на фестивалите.
Предизвици на приспособување и модернизација
Поранешните Кумари се соочуваат со тешкотии при приспособувањето на нормалниот живот, учењето да работат домашни работи и посетувањето редовни училишта. Според непалскиот фолклор, мажите кои ќе се оженат со поранешна Кумари ќе умрат млади, па многу девојки остануваат немажени.
Сепак, во последниве години, традицијата се менува. На Кумарите сега им е дозволено да се образуваат во храмовата палата со помош на приватни тутори, па дури и да имаат телевизор. Владата, исто така, им плаќа на пензионираните Кумари месечна пензија од околу 110 долари, што е малку над минималната плата.