[ФОТО] Славното кафуле во Рим каде Гогољ го пишувал романот „Мртви души“ е затворено

Точка

10/10/2025

20:30

474

Големина на фонт

а а а

Познатото „Антико Кафе Греко“, кое се наоѓа во престижниот дел од Рим и работи од 1760 година, е затворено по седумгодишна правна битка меѓу менаџментот и сопственикот на зградата.

Конфликтот започнал во 2017 година, кога истекол договорот за закуп на просториите, а менаџментот на кафулето, во обид да го продолжи договорот, се соочил со отфрлање од сопственикот. Спорот траел речиси осум години.


Сместено на неколку чекори од Шпанските Скали, „Антико Кафе Греко“ на улицата Кондоти, откако е отворено во 1760 година од страна на левантинецот Никола дела Мадалена, станал интелектуална икона на Рим, посетуван од цела низа писатели, сликари, кралеви, прелати, учени жени, жигола, новинари, авантуристи, политичари, а исто така било и омилено место за дружење на идниот папа Лав XIII. Само венецијанското „Кафе Флоријан“, основано во 1720 година, е постаро од него.


Зградата во која се наоѓало кафулето ѝ припаѓа на Израелската болница во Рим. Неговото раководство веќе објави дека на местото на „Антико Кафе Греко“ ќе се отвори нов објект, но деталите за неговиот концепт остануваат непознати.


Кафулето станало профитабилно и познато од почетокот на 19 век, кога бројни уметници кои живееле или го посетувале Рим почнале да се собираат таму. Стендал, Гете, Бајрон, Франц Лист, Џон Китс, Хенрик Ибзен, Ханс Кристијан Андерсен, Феликс Менделсон, Бертел Торвалдсен, Маријано Фортуна и многу други го посетувале „Антико кафе Греко“, а легендата вели дека Николај Гогољ го пишувал романот „Мртви души“ во ова кафуле.


Кафулето го посетувале и бројни италијански уметници како што се Ренато Гутузо, Џакомо Леопарди, Карло Леви, Габриеле Д’Анунцио…

Низ вековите, Антико Кафе Греко акумулирало непроценливо уметничко наследство, сместено во своите девет шармантни простории, сведочејќи за промените во светот и градот Рим, а со над 300 дела изложени во своите сали, тоа е најголемата приватна уметничка галерија отворена за јавноста во светот.


Покрај тоа, во кафулето се сместени бројни сувенири и снимки од славни времиња: машната на Д’Анунцио, сонети, белешки, скици на познати гости и фотографии. Во салата Омнибус изложени се медалјони, гипсани плочи и минијатури на кои се прикажани уметници, поети и музичари кои го посетувале местото низ годините.


Уметничките дела во деветте соби на кафулето беа каталогизирани во 1989 година од историчарката на уметност Тамара Фелиситас Хафшмит и новинарот Ливио Јанатони, член на литературниот круг „Club dei Romanisti“ кој ги одржувал своите неделни состаноци во Кафе Греко.


Збогум Кафе Греко

Како што објави „Кориере дела Сера“, бравите на кафулето биле сменети, а извршителот го извршил иселувањето по безброј продолжувања и исто толку правни спорови. Во последниве денови имотот бил запленет од страна на карабинијери на Одделот за заштита на културното наследство, кои го префрлиле во јавен магацин.


Главната мистерија, сепак, се однесува на иднината на објектот. Дали повторно ќе има кафуле на улицата Виа Кондоти број 86 или ќе се всели дизајнерски бренд? Некои медиуми пишуваат за „неформални предлози“ од модни куќи кои веќе се „сместени“ долж оваа улица и имаат намера да го прошират својот простор. Дури се зборува и за понуда од 1,5 милиони евра годишно, што би можела да ја спаси болницата, откако е постигнат договор со нејзините добавувачи.


Збунетите туристи прашуваат што се случило со капучината и печивата со поглед на меѓународната шопинг сцена. Соседните продавници на Гучи, Булгари, Картие, Прада и Макс Мара, потопени во нивната опуштена врева, се чини дека веќе ја прифатиле оваа новина.