Подводна фотографија ги изненади научниците: Живиот свет опстојува на бомби од Втората светска војна во Балтичкото Море

Точка

28/09/2025

11:00

678

Големина на фонт

а а а

На површините на експлозиви од Втората светска војна, за кои претходно се веруваше дека се токсични за морскиот екосистем, денес живеат ракови, црви и риби, покажуваат нови подводни фотографии.

На поранешна депонија за оружје во Балтичкото Море, научниците откриле повеќе живи организми на врвовите на боевите глави отколку на околното морско дно, пренесува „Euronews“.

„Бевме подготвени да видиме значително помал број на животински видови. Но, се случи спротивното“, изјави авторот на студијата Андреј Веденин од Институтот за истражувања „Senckenberg“ во Германија.

Историјата остави опасни траги во океаните

„Претходните конфликти оставија свој белег во светските океани“, објаснува Веденин. Само германските води содржат околу 1,5 милиони метрички тони отфрлено оружје, главно од двете светски војни во 20 век.

Овие остатоци може да содржат нуклеарни и хемиски супстанци, како и експлозиви како ТНТ.

Остатоци, оружје и морски живот

Ова е најнов пример за тоа како природата успева да опстане дури и на загадени локации. Претходни истражувања покажаа дека бродоломи и поранешни воени објекти често врват од биодиверзитет.

Во новата студија, научниците документирале мрежи од морски анемони, морски ѕвезди и други организми во Либечкиот Залив, на германското крајбрежје. Тие биле населени врз делови од бомбите V-1 што ги користела нацистичка Германија.

„Обично не се изучува екологијата на бомби“, вели екологот Џејмс Портер од Универзитетот во Џорџија, кој не учествувал во ова истражување.

Студијата беше објавена во четвртокот во списанието "Communications Earth and Environment".


Зошто животот избира токму бомби?

Зошто морските организми би населувале контаминирано оружје? Можно е да ги привлекува цврстата површина – нешто што е реткост во Балтичкото Море.

Морското дно претежно е рамно и составено од кал и песок, бидејќи камењата и карпите биле вадени за градежни потреби уште во XIX и XX век, објаснува Веденин.

Дополнително, оваа област е релативно изолирана од човечки активности поради присуството на хемикалии, што создава своевиден заштитен меур во кој морските организми можат да напредуваат – и покрај токсичните последици.

Следни чекори

Научниците се надеваат дека ќе можат да пресметаат колкаво количество загадувачи апсорбирал морскиот свет. Следниот важен чекор е да се утврди што се случува откако организмите ќе се населат – дали успеваат да се размножуваат и да создадат стабилни популации, вели Портер.

„Ваквите студии сведочат за тоа како природата го користи она што човекот го оставил зад себе, претворајќи ја ситуацијата во своја корист за да преживее“, додава биологот за заштита на морето Дејвид Џонстон од Универзитетот „Duke“. Тој неодамна мапирал потонати бродови од Првата светска војна кои станале нови живеалишта за морскиот свет долж реката Потомак во Мериленд.