Истражување спроведено на повеќе од 10.000 потрошувачи покажа дека безбедноста и бесплатната употреба се клучни за прифаќање на новата валута, додека политичарите ги усогласуваат деталите за нејзиното воведување до крајот на деценијата.
Повеќето Европејци очекуваат дека идното дигитално евро ќе биде безбедно, лесно за користење и бесплатно, покажува новото истражување на Европската организација на потрошувачи (BEUC). Анкетата собра одговори од повеќе од 10.000 граѓани во десет земји од еврозоната, а резултатите јасно ги истакнуваат клучните предуслови за прифаќање на новата дигитална валута.
Недоверба и загриженост
Дури 86% од испитаниците изразиле загриженост околу можноста за поврат на средства во случај на измама или злоупотреба, додека 87% сметаат дека дигиталното плаќање мора да биде бесплатно за корисниците. Исто така, 88% очекуваат банките да обезбедат бесплатна картичка за плаќање. За 49% од граѓаните прифатливо би било и користење на дигиталното евро со симболична провизија.
„Дигиталното евро ќе биде привлечно за потрошувачите ако биде едноставно за користење – вклучително и за оние кои потешко се снаоѓаат со дигиталните плаќања – ако обезбеди силна заштита од измами со добри права за поврат на средства и ако основните услуги, како што е платежната картичка, бидат бесплатни,“ изјави Агустин Рејна, генерален директор на „BEUC“.
Според резултатите, 55% од Европејците очекуваат дигиталното евро да биде сигурен и доверлив начин на плаќање, имајќи предвид дека сè повеќе граѓани се соочуваат со измами или безбедносни пропусти поврзани со дигиталните трансакции. Валутата, исто така, мора да биде едноставна за користење – така сметаат 53% од испитаниците, при што сличен процент признаваат дека се соочуваат со технички проблеми или со недостаток на дигитална писменост.
Долг пат до воведување
И покрај напорите на Европската централна банка (ECB) да гарантира приватност, сигурност и достапност, дел од креаторите на политики и понатаму се скептични околу дизајнот и неопходноста на проектот. Сепак, минатата недела на состанокот во Копенхаген, министрите за финансии на ЕУ постигнаа компромис за следните чекори. Според новиот договор, Советот на министри ќе има право да одлучува дали валутата воопшто ќе се издава, како и да поставува ограничувања за максималниот износ дигитални евра што еден поединец може да ги поседува – мерка која треба да спречи масовно повлекување на пари од банките.
Законодавниот предлог за дигиталното евро Европската комисија го претстави во јуни 2023 година, но планот сè уште чека одобрување од Европскиот парламент и Советот. Откако законот ќе биде усвоен, Европската централна банка ќе донесе конечна одлука за стартување на проектот, по што ќе следи подготвителна фаза во траење од околу две и пол години.
Според проценката на членот на управата на „ECB“, Пјеро Чиполоне, дигиталното евро би можело да биде воведено до средината на 2029 година.