„Не се каам што ги изгубив парите“: Жената која лажниот Бред Пит ја измами за 800.000 евра првпат јавно по епскиот случај – „Го добив она најважното“

Точка

27/09/2025

12:40

1.553

Големина на фонт

а а а

Богатата и разведена жена, која измамници со помош на вештачка интелигенција го имитирале актерот Бред Пит и ја измамиле за повеќе од 700.000 фунти (околу 800.600 евра), изјавила дека таа измама ја ослободила од несреќниот брак, пишува „Daily Mail“.

Ан Денушател останала без пари и западнала во тешка депресија откако станала жртва на онлајн љубовна измама.

Оваа 53-годишна Французинка станала и мета на интернет тролови откако се открило дека дала пари верувајќи дека се за лекување на рак на Бред Пит. Откако на почетокот на годината самата побарала помош во психијатриска болница, Денушател повторно се најде во фокусот на француските медиуми по повод излегувањето на нејзината нова книга „Je ne serai plus une proie“ („Повеќе нема да бидам плен“).

Дизајнерката на ентериери, која стана авторка, изјави дека била осамена и во несреќен брак со „себичен и манипулативен милионер“ кога примила порака на Инстаграм од личност што се претставувала како мајката на Бред Пит. Откако таа ја „запознала“ со американскиот актер и започнале да разговараат преку Телеграм, Французинката изјавила дека станала „зависна“ од допишувањето и дека живеела во „целосна фантазија“.

Затоа, кога измамниците постепено почнале да бараат пари, таа се чувствувала прифатена и сакана – две работи што ѝ недостасувале во бракот. „Мојот сопруг ми велеше дека треба да бидам среќна што сум трофеј. Веќе немав никаква независност. Во еден момент, се чинеше полесно да му помогнам на „Бред“ отколку на самата себе“, тврди таа.

Неколку месеци подоцна успеала да се разведе, што го смета за единствениот позитивен исход што произлегол од таа измама. Открила и дека токму брачните проблеми ја довеле до тоа да му се довери на лажниот Бред Пит. Додека таа му се доверувала за сопругот, тој ѝ зборувал за својата зависност од алкохол, осаменоста и разводот од Анџелина Џоли.

Госпоѓа Денушател изјавила дека се чувствувала како на меден месец кога „актерот“ ја опсипувал со романтични пораки и љубовни песни. „Се одвоив од својата вообичаена личност за да живеам во целосна фантазија. Се чувствував како тоа да сум вистинската јас“, вели таа.

Во период од 14 месеци – од април 2023 до јуни 2024 – таа префрлила речиси 700.000 фунти на личноста за која верувала дека е Бред Пит. Прво, парите требало да покријат царински трошоци за подароци кои ѝ ги купил. Подароците никогаш не пристигнале, но „Бред“ имал убедливи изговори.

Подоцна, парите оделе за болнички трошоци бидејќи ја уверил дека боледува од рак на бубрег и дека му се потребни огромни суми за да си го спаси животот, вклучително и за трансплантација. Објаснил дека банкарската сметка му е блокирана поради разводот со поранешната сопруга во 2016 година.

Измамникот ѝ праќал и фотографии од Бред Пит, генерирани со вештачка интелигенција, од болнички кревет. „Бред“ потоа наводно паднал во кома, поради што било одложено снимањето на неговиот нов филм, па таа почнала да плаќа казни на холивудското студио со кое наводно имал договор.


До тој момент веќе била предлабоко вовлечена за да се посомнева, па госпоѓа Денушател продолжила да праќа пари. На крајот ја разбудило барањето да плати 13.000 фунти за приватен авион. Емоционално исцрпена и изолирана од пријателите и семејството, таа ја пријавила измамата во полиција.

Истражителите откриле дека зад измамата стојат тројца мажи кои живеат во вила во Нигерија, а последната порака што ѝ ја испратиле гласела:

„Љубов моја, мојот Телеграм профил го хакираа измамници. Сега ќе направам сè за да бидеме безбедни. Искрено ми е жал ако моето отсуство ја предизвика оваа ситуација“.