Нов судир на повидок? Трамп размислува за напади врз цели во Венецуела

Точка

27/09/2025

18:44

448

Големина на фонт

а а а

Неименувани извори тврдат дека во моментов се разгледуваат и напади со дронови врз водачи и припадници на групи за кои САД веруваат дека учествуваат во шверц на дрога.

Американскиот воен врв ја разгледува можноста за удари врз шверцерски мрежи во Венецуела, а според странските медиуми, првите акции би можеле да уследат веќе за неколку недели. Во изминатиот месец, американските сили веќе отворија оган врз три венецуелски брода, кои Вашингтон ги означи како пловила на наркокартели. Претседателот Доналд Трамп тогаш изјави дека тие бродови претставуваат „легитимни цели“ во неговата војна против шверцерите на дрога.


Како што наведува "Newsweek", дополнителни американски единици се распоредени на Карибите, што дополнително ги зголеми тензиите меѓу двете држави и го зголеми ризикот од директен судир. Сепак, администрацијата не презентираше докази дека бродовите навистина превезувале наркотични супстанции, поради што организациите за човекови права ги сметаат нападите за спорни. "Human Rights Watch" дури ги опиша како „вонсудски егзекуции“. Досега во тие операции загинаа најмалку 14 лица, додека бројот на жртви од третиот напад сè уште не е познат.


Неименувани извори дополнуваат дека се разгледуваат и воздушни напади со дронови врз водачи и членови на групи за кои САД се уверени дека учествуваат во шверцот. Сепак, конечната одлука сè уште не ја донел самиот претседател Трамп.


Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, и неговата влада претходно негираа каква било вмешаност во трговијата со дрога, тврдејќи дека американската влада повеќепати се обидува да го собори од власт. По нападите, Мадуро понуди директни разговори со Белата куќа, според писмо во кое "Reuters" имал увид. Во пораката, тој побара од Трамп да соработува со него за да „ги победи лагите што го нарушија односот, кој мора да биде историски и мирен“, порача венецуелскиот лидер.