Што се случило со астероидот кој ги уништил диносаурусите?

Точка

24/09/2025

18:12

538

Големина на фонт

а а а

Пред околу 66 милиони години, владеењето на диносаурусите завршило со огнен крај. Астероид со дијаметар од приближно 12 километри, кој летал со брзина од 43.000 километри на час, директно удрил во Земјата. Тој судир предизвикал синџир на смртоносни настани кои довеле до петтото масовно изумирање и истребување на диносаурусите. Но што навистина се случило со астероидот голем колку Монт Еверест?

Кога удрил во Земјата „со енергија околу осум милијарди пати поголема од нуклеарната бомба од Втората светска војна, астероидот практично испарил“, вели Шон Гулик, истражувачки професор и копретседател на Центарот за одржливост на планетарните системи при Универзитетот во Тексас, Остин, за „Live Science“. Астероидот се претворил во „фина прашина што завршила во горните слоеви на атмосферата и потоа се спуштала“ низ целата планета.

Децении подоцна, таа прашина формирала она што денес е познато како иридиумска аномалија – тенок слој карпа што содржи 80 пати повеќе иридиум отколку што има на кое било друго место во Земјината кора, објаснува Гулик. Бидејќи иридиумот е често застапен во астероиди, но речиси и да го нема во надворешната покривка на Земјата, овој слој стар 66 милиони години претставува клучен доказ за врската меѓу астероидот и уништувањето на диносаурусите.

Можеби единствениот познат фрагмент од астероидот е камче со големина на семка сусам, пронајден од Франк Кајт, геохемичар од "UCLA". Овој фрагмент бил откриен во јадро од бушење кај Хаваи и првпат објавен во списанието „Nature“ во 1998 година. Наводно, уште ситни фрагменти биле пронајдени во 2022 година, но тие тврдења сè уште не се потврдени со научна рецензија.


„Би требало да имаме огромна среќа за да најдеме поголем дел“, вели Гулик. Но доколку би се пронашол, научниците би можеле да дознаат многу повеќе за „процесот на удар“ низ кој поминал астероидот и да направат попрецизни процени за притисокот и температурата на кои бил изложен.

Астероидот оставил бројни траги, меѓу кои и огромниот кратер што настанал при ударот. Со ширина од околу 180 километри и длабочина од 20 километри, кратерот Чиксулуб во денешно Мексико е масивната лузна од тој настан. Името го добил според градот во близина на епицентарот, а со текот на времето бил прекриен со карпи и седименти кои се поместувале десетици милиони години. Голем дел од него е денес скриен под Мексиканскиот Залив, но од површината и натаму е видлив лак во форма на вртачи, создадени во ослабениот варовник.

Ударот исто така предизвикал цунами високо речиси еден километар, кое се движело низ целиот океан со брзина од 143 километри на час. Овие огромни бранови оставиле траги на морското дно – таканаречени „мегабранови“ – високи колку петкатници, кои се зачувани длабоко под Луизијана. Сеизмичките истражувања откриле дека водата што ги создала овие бранови дошла токму од насоката на кратерот Чиксулуб.


Покрај масовното уништување во непосредната близина на ударот и цунамито, сударот предизвикал и други катастрофални последици, како смртоносен кисел дожд и глобална огнена бура.

Но, можеби најразорен бил огромниот облак прашина што ја прекрил Земјата, предизвикувајќи драматично заладување на планетата. Тој блокирал сончева светлина и фотосинтеза, доведувајќи до колапс на синџирот на исхрана (иако должината на овој „нуклеарен мрак“ сè уште е предмет на дебати). Денес, астероидот и неговите последици се сметаат за главна причина за изумирањето на диносаурусите кои не летале, како и за исчезнувањето на околу 75% од сите видови на Земјата.

„Енергијата што се ослободила била споредлива со тотална нуклеарна војна, повторувана илјадници пати – 10.000 пати“, вели Алан Хилдебранд, планетарен научник и вонреден професор на Универзитетот во Калгари.

Хилдебранд е коавтор на студијата во која во 1991 година било објавено откривањето на кратерот Чиксулуб – клучен доказ што го поврза овој кратер со смртта на диносаурусите.