Научник тврди: Решена е мистеријата на Бермудскиот триаголник!

Точка

26/08/2025

17:09

9.056

Големина на фонт

а а а

Мистеријата на Бермудскиот триаголник особено доби на замав по исчезнувањето на американскиот брод „USS Cyclops“ во 1918 година.

Од мистериозни исчезнувања на авиони до морничава појава на бродови без екипаж, Бермудскиот триаголник со децении ја поттикнува фантазијата како место на некои од најнеобичните појави на Земјата. Сега еден научник тврди дека конечно пронашол рационално објаснување за тајната што го збунуваше светот повеќе од еден век.

Триаголникот меѓу Флорида, Порторико и Бермудите е познат по бројни кобни несреќи, што поттикна различни теории за паранормални појави. Но, д-р Сајмон Боксал, океанограф од Универзитетот во Саутемптон, смета дека одговорот не лежи во вонземјани ниту во фантастични димензии, пишува „Daily Mail“. Според него, причината за исчезнувањата во тој регион се т.н. „џиновски бранови“.


Овие изненадни, огромни бранови – познати и како екстремни бранови – можат да бидат двојно повисоки од околните и да достигнат височина и до 30 метри. Тие не само што се исклучително стрмни, туку често доаѓаат од неочекувани насоки, независно од преовладувачкиот ветер.

Д-р Боксал тврди дека брод што би се нашол на патот на таков бран би можел да потоне за само неколку минути. Мистеријата на Бермудскиот триаголник особено се засилила по исчезнувањето на американскиот брод „USS Cyclops“ во 1918 година. Овој голем брод за транспорт на јаглен, кој за време на Првата светска војна служел за снабдување на морнарицата, исчезнал без трага и без сигнал за помош додека пловел од Бразил кон САД. И покрај големата потрага, бродот долг 165 метри и со 306 членови екипаж никогаш не бил пронајден. Поради таквото изненадно исчезнување, се развиле бројни теории – од вонземјани до временски дупки. Сепак, д-р Боксал смета дека „Cyclops“ најверојатно настрадал токму од разорен џиновски бран.


Во документарецот „Загатката на Бермудскиот триаголник“, емитуван на „Channel 5“, тој објаснува дека тоа подрачје е особено подложно на создавање вакви бранови поради судир на бури од север и југ, зајакнати со дополнителни временски нарушувања од Флорида. Заедно со својот тим, изработил намален модел на бродот „USS Cyclops“ за да испита како би реагирал при судир со џиновски бран. Се покажало дека поради неговото рамно дно и огромна маса, бродот многу брзо би бил преплавен.

Боксал дополнително објаснува дека брановите можат да бидат толку стрмни што бродот би останал „закачен“ меѓу два врва, со трупот изложен без потпора во средината. Во таква ситуација, бродот би можел да пукне на половина. „Овие бранови се неверојатно стрмни и високи – забележани се и над 30 метри“, вели Боксал. „Ако брод налета на таков бран, потонувањето може да се случи за само две до три минути.“ Тоа би објаснило и зошто многу бродови и авиони воопшто не стигнале да упатат повик за помош – едноставно исчезнале без предупредување. „Колку е бродот поголем, толку се последиците поразорни,“ додава Боксал.


И покрај неговите тврдења, некои научници воопшто не сметаат дека Бермудскиот триаголник е нешто вонредно. Многу истражувачи истакнуваат дека бројот на несреќи во тој регион не е ништо поголем од оној во други делови на океанот со голем сообраќај.

Американската Национална управа за океани и атмосфера („NOAA“) наведува: „Нема докази дека во Бермудскиот триаголник се случуваат повеќе необјасниви исчезнувања отколку во други пространи и прометни делови од океанот.“ Дополнително, податоците на британската осигурителна куќа „Lloyd’s of London“ покажуваат дека стапката на губење бродови во Бермудскиот триаголник е во согласност со глобалниот просек. Инцидентите што сепак се случуваат најчесто може да се припишат на природни појави, како џиновски бранови, или едноставно на фактот дека навигацијата низ Карипското Море е исклучително предизвикувачка. „NOAA“ додава: „Еколошките фактори би можеле да ги објаснат повеќето, ако не и сите исчезнувања. Големиот број острови во Карипското Море создава бројни плитки делови кои претставуваат сериозен ризик за поморскиот сообраќај.“