Според Гинисовата книга на рекорди, 102-годишен Јапонец стана најстарата личност што се искачила на планината Фуџи.
Кокичи Акузава на 3 август, се искачил на врвот на планината Фуџи, највисокиот врв во земјата на 3.776 метри надморска височина, подвиг што го постигнал откако закрепнал од срцева слабост, според соопштението на Гинисовата книга на рекорди.
Инаку Фуџи е активен стратовулкан кој се наоѓа на јапонскиот остров Хоншу.
Кокичи е страстен планинар и ова не е прв пат да се искачи на највисоката планина во Јапонија во својата старост. Тој последен пат се искачил на неа кога имал 96 години, и рече дека во текот на последниот подвиг се чувствувал многу поинаку од минатиот пат.
До врвот стигнал за три дена наместо за еден, поминувајќи две ноќи во колиби.
„Никогаш повеќе“, се пошегува тој кога го прашале дали сака повторно да се искачи на највисокиот врв во Јапонија.
„Ако ме прашате следната година, можеби ќе добиете поинаков одговор, но засега сум задоволен од искачувањето“, додаде Акузава.
Овој 102-годишник своевремено се искачил на врвот на планината Набеваријама, висока 1.272 метри, за да го прослави својот 99-ти роденден.