Гејмингот како животна дисциплина: Како видео игрите можат да ти помогнат да станеш подобра верзија од себе?

Точка

27/08/2025

11:44

424

Големина на фонт

а а а

Како да го преточите гејмингот во креирање на подобра верзија од себе? Видео игрите се сèопфатен дел од животот на речиси сите деца и адолесценти, а веќе и на возрасните кои доаѓаат во контакт со оваа нова култура.

Мнозинството на психолошките истражувања се фокусирани на негативното влијание од гејмингот, сепак науката разгледува и поурамнотежена перспектива, односно особено обрнува внимание на придобивките од играњето на вакви игри. За подобро да ја разбереме оваа тема му отстапивме малку простор на Славе Тошевски, доктор по медицина и специјализант по психијатрија, но истовремено и страствен гејмер кој успева да најде поврзаност помеѓу видео игрите и подобрувањето на себеси во разни аспекти од животот. Во продолжение можете да го прочитате неговиот став.

Разгледувањето на потенцијалните придобивки од гејмингот е важно, делумно и затоа што природата на овие игри значително се промени во последната деценија, кои стануваа сè покомплексни, поразновидни, пореалистични и посоцијални. Научната сфера во последните пет години става поголем акцент на ефектите од играњето видео игри, така што се повеќе се документирани овие придобивки. Ваквите истражувања укажуваат на тоа дека видео игрите им овозможуваат на младите интензивни и привлечни социјални, когнитивни и емоционални искуства кои што понатаму имаат потенцијал да го подобрат нивното ментално здравје и нивната благосостојба.


Моментално постојат стотици илјади видео игри во светот со различни тематики и цели, кои што се играат кооперативно, компетитивно или solo, сите со свои специфики коишто би можеле да ја подобрат индивидуата на свој начин.

Ментална гимнастика! Спротивно на популарните верувања од претходните децении дека гејмерите се интелектуално мрзливи и пасивни, наодите укажуваат на тоа дека играњето видео игри поттикнува широк спектар на когнитивни вештини. Ова е посебно точно за FPS (first person shooter) игрите каде што групи од испитаници кои што играле FPS игри покажале подобри способности во распределба на вниманието (способност за ефикасно филтрирање ирелевантни информации), подобра просторна резолуција и просторна ориентација.

Ефектите од гејмингот на ова поле може да се споредат и со формални курсеви во средно и универзитетско образовни установи кои имаат за цел да ја подобрат способноста за просторна ориентација, бидејки овие вештини се пренесуваат и на други просторни задачи надвор од контекстот на игрите. Понатаму, истажувањата направена на луѓето кои играат стратешки игри имаат покажано подобри способности за решавање проблеми и генерално подобар академски успех. Дури и престижното списание Nature Reviews Neuroscience има изјавено дека „Видео игрите се контролирани тренинг-програми испорачани во високо мотивирачки бихејвиорални контексти... бидејќи бихејвиоралните промени произлегуваат од промени во мозокот, не е изненадувачки што подобрувањето на перформансите е проследено со трајно физичко и функционално невролошко преуредување”. Така што, на некој начин, гејмингот може да послужи како еден вид на „теретана за мозокот”.

Видео игрите покрај подобрување на когнитивните вештини исто така можат да бидат и алатка за подобрување на емоционални „вештини”, односно регулатори на расположение и амортизери на стрес, особено кратките гејминг сесии до еден час. Со други зборови, кратките игри можат да функционираат како микро интервенција за секојдневниот стрес и притоа се лесно достапни и не бараат голем напор.


Саморегулација на расположението веќе ја спомнав, но што морам да го нотирам е дека видео игрите може да послужат и како форма на терапија! Постојат игри кои се базирани на КБТ (когнитивно бихејвиорална терапија), каде што форматот на играта е таков што пласира психоедукативни информации преку интерактивен стил, а притоа ги учи играчите за когнитивни биаси, нивото на кое што емоциите ни се поврзани со мислите и како оваа интеракција продуцира однесување кое што не ни се допаѓа. Овие игри имаат покажано ефикасност во намалување на симптомите на депресија на ниво на стандардизираните пристапи на КБТ психотерапијата. Постои игра која што е дизајнирана за деца кои што боледуваат од карциноми. Му дозволува на играчот да контролира нанобот кој што пука во канцер клетки, победува бактериски инфекции, менаџира гадење, повраќање и други дигестивни проблеми. Целта на играта е да ги учи децата како да се придржуваат кон третманот. Follow-up студиите укажуваат дека децата коишто ја играле оваа игра покажале значително подобри стапки на придржувањето кон третманот, познавање на општи информации околу болеста и самодоверба во однос на контролните групи, така што денес истат е дистрибуирана на преку 200.000 пациенти е гледан како успешен пристап за третман.

Дополнително, видео игрите можат да послужат и како алатка за развивање на општа култура, да бидат едукативни на повеќе полиња. Многу од видео игрите имаат историски контексти, иако не секој детал е секогаш точен, голем дел од архитектурата, културните обичаи и историските личности се базирани на вистински податоци. Истражувања покажуваат дека играчите кои поминуваат време во историски реконструкции полесно задржуваат факти отколку оние што ги читаат во учебник. Многу од ваквите игри опфаќаат и етички, политички и социјални дилеми, при тоа се дизајнирани на начин на кој што играчот има интерактивни избори преку кои ги учи последиците од одлуките, развива емпатија и го проширува своето разбирање за комплексноста на опшстествените теми.

Видео игрите, кога се избрани и користени внимателно, можат да бидат моќен медиум за развој на општата култура – комбинирајќи ја едукативната вредност со мотивацијата и ангажманот што доаѓаат од забавата. Затоа не треба да го потценуваме нивниот ефект во нашата секојдневна потрата по себеподобрување. Со внимателен избор и контролирано време на игра, можеме да станеме нова, подобра верзија од себеси.

Славе Тошевски, специјализант по психијатрија