Една корисничка на ТикТок ја подигна својата фасцинација со познатиот брод на сосема ново ниво трансформирајќи го сопствениот стан во реплика на потонатиот Титаник.
Причината за овој невообичаен потфат? Едноставно ѝ било здодевно.
Фасцинацијата со Титаник не исчезнува ниту повеќе од еден век по неговото потонување. Многумина гледаат документарци, собираат филмски сувенири, а некои дури се обиделе да ја посетат и руината од бродот.
Сепак, корисничката на ТикТок, Сара, позната по прекарот „@titanicapartment“, со месеци го трансформира својот стан во Њујорк во глетка од дното на океанот.
Својот проект, кој го документирала во повеќе од 100 видеа, го нарекува „уметнички проект“ во кој живее.
Невообичаен потфат
За да постигне автентичен изглед, Сара ги обоила вратите за да личат на оние од бродот, поставила тркалезни прозорци и го исполнила станот со бројни реплики и макети на Титаник. Сините подови и ткаенините создаваат илузија за живеење под вода, во самата руина од бродот.
Додека некои се прашуваат како успева секојдневно да живее во такво окружување, Сара тврди дека тоа не ѝ пречи, иако нејзиното куче наводно е „луто“ поради промените. Други пак се пошегуваа на сметка на нејзината креативност.
„Никогаш всушност не знаеш што прават другите луѓе во своите домови“, коментираше еден корисник, додека друг се пошегува: „Секоја чест, ако ова е подрумски стан што повремено се поплавува“.
Од друга страна се појави и загриженост поради потенцијалната опасност од пожар, но креаторката на проектот уверува дека нема причина за грижа. „Поставено е од април. Добро сме“, кратко одговори таа на еден коментар.