Дното на океанот полн со школки, колонии на бактерии што личат на мраз и полиња со цевчести црви – се само дел од необичните, екстремни облици на живот што ги регистрираше кинеската научна експедиција во најдлабоките делови од Тихиот Океан.
Користејќи подморница со човечки екипаж, тим истражувачи од Кина се спушти во океански ровови во северозападниот дел на Пацификот и документираше живот на длабочини поголеми од девет километри, пишува Би-би-си.
Досега најдлабоко снимен морски ’рбетник беше риба од видот полжавка, снимена на длабочина од 8.336 метри во 2023 година, во ров крај јапонскиот брег. Новите откритија се објавени во угледното научно списание „Нејчр“.
Иако научниците и претходно претпоставуваа дека постои живот на тие длабочини, истражувачите од оваа мисија велат дека биле вчудовидени од количината животински видови што ги виделе низ прозорците на подморницата.
Експедицијата опфати над 2.500 километри, истражувајќи океански ровови на длабочини од 5.800 до 9.533 метри.
Научниците патувале со подморницата „Фендоуже“, способна да издржи и повеќе од 10 километри длабочина, каде што може да остане неколку часа.
Тимот, предводен од истражувачи на Институтот за наука и инженерство на длабокото море при Кинеската академија на науките, откри она што го опишуваат како „цветни заедници“ на подводни организми.
„Возбудливо е, особено за научник кој се занимава со длабинско море, да оди на место што никој човек претходно не го истражил. Тоа е голема можност за нови откритија. А она што го видовме беше навистина неверојатно“, изјави д-р Сјаотонг Пенг за Би-би-си.
Научниците направиле фотографии и видеа од подводни полиња доминирани од различни видови цевчести црви и школки – животни што живеат во целосен мрак и под огромен притисок.
Бидејќи нема сончева светлина, животот на тие длабочини се базира на хемиски соединенија што излегуваат од пукнатини на океанското дно – водород сулфид и метан.
Според научниците, снимен е и животински свет што досега никогаш не бил забележан. Во идни истражувања, тие се надеваат дека ќе утврдат како телата на овие т.н. „хемосинтетски“ суштества ги претвораат овие соединенија во енергија.
„Овие организми мора да имаат некој механизам за прилагодување на живот под екстремно висок притисок. Тоа е прашање на кое мора да дадеме одговор“, додава д-р Мегран Ду, исто така од Институтот за наука и инженерство на длабокото море.
Овие откритија ја доведуваат во прашање долгогодишната претпоставка дека животот на толкави длабочини и притисоци е редок, укажувајќи дека таквите животински заедници всушност се почести отколку што се мислело.
Професорот Ендру Свитман од Шкотската асоцијација за морска наука изјави за Би-би-си дека ова откритие покажува оти „екосистеми напојувани со метан можеби постојат дури и во најдлабоките делови на океанот“.