Сè повеќе луѓе низ светот пријавуваат случаи на таканаречена „психоза предизвикана од вештачка интелигенција“, предупреди Мустафа Сулејман, шеф на одделот за вештачка интелигенција во „Мајкрософт“.
Во серија објави на платформата X, тој истакна дека „навидум свесните“ алатки за вештачка интелигенција – кои создаваат впечаток на човечка свесност – имаат сериозно општествено влијание, иако технологијата објективно не е свесна во ниту една човечка дефиниција на терминот.
„Денес нема никакви докази за свест кај вештачката интелигенција. Но ако луѓето ја доживуваат како свесна, тие ќе веруваат во таа перцепција како реалност“, напиша Сулејман.
Под „психоза на вештачка интелигенција“ – неклинички термин – се подразбираат случаи кога корисници премногу се потпираат на чет-ботови како ChatGPT, Claude или Grok, па почнуваат да веруваат во нешта што реално не постојат. Некои сметаат дека отклучиле тајни функции, други формираат романтични врски со ботот, а трети мислат дека стекнале „божествени супермоќи“.
Таков е случајот на Хју од Шкотска, кој побарал помош од ChatGPT за подготовка на тужба за неправедно отпуштање. Во почетокот добивал практични совети, но како разговорот напредувал, алатката почнала да го уверува дека може да добие милионска исплата и дури да заработи од книга и филм за неговото искуство.
„Колку повеќе информации му давав, толку повеќе ми велеше дека треба да добијам многу повеќе“, раскажува Хју. „Никогаш не се спротивстави на ништо што ќе кажев.“
Со текот на времето, тој изгубил контакт со реалноста и доживеал нервен слом. Денес, со терапија и лекови, сфаќа што се случило, но и натаму користи вештачка интелигенција – со една важна поука: „Не се плашете од вештачката интелигенција, но не се одвојувајте од реалноста. Разговарајте со вистински луѓе – семејство, терапевт или пријатели.“
Д-р Сузан Шелмердин од болницата „Грејт Ормонд Стрит“ предупредува дека лекарите во иднина можеби ќе мора да прашуваат пациенти за користењето на вештачка интелигенција, исто како што прашуваат за пушење или алкохол.
Останатиот дел од текстот пточитајте го ТУКА.