Се приближува претставувањето на новата генерација „iPhone“, а конкуренцијата се забавува со снимање реклами во кои го исмева.
„Apple“ и досега често бил на удар на критики и подбив од конкурентите, при што со години предничеше „Samsung“. Неодамна им се придружи и „Google“. Поради доцнењето со "AI" опциите, односно понапредната верзија на „Siri“, за која од „Apple“ рекоа дека доаѓа „скоро“, но тоа „скоро“ се одолжи на повеќе од една година, од „Google“ им порачаа на корисниците на „Apple“ дека или можат да ја сменат дефиницијата на зборот „скоро“ или едноставно – да го сменат телефонот.
Поминаа дваесетина дена од таа реклама, а сега „Apple“ повторно е на удар на конкуренцијата, но од друга причина.
„Samsung“ на своите профили на социјалните мрежи објави нова реклама во која го споредува својот модел „Galaxy Z Fold7“ со „iPhone 16 Pro Max“, при што фокусот е ставен на можностите на преклопниот телефон.
Фокус на флексибилен екран и "AI" опции
Сопственикот на „iPhone“ најпрво се зачуди на можноста за отворање на телефонот на „Samsung“, а потоа и на функцијата која овозможува врз основа на скица на маица, на екранот да се појави фотографија од вистинска маица на човек. Станува збор за една од опциите базирани на вештачка интелигенција на уредите на „Samsung“, која не е достапна на телефоните на „Apple“.
From "no shirt" to "new shirt" with #GalaxyAI on #GalaxyZFold7.
— Samsung Mobile US (@SamsungMobileUS) August 25, 2025
Unfold what’s possible: https://t.co/I3fOJvDBYH pic.twitter.com/1HTRb5Jrsz
На крајот од рекламата, сопственикот на телефонот на „Samsung“ го прашува својот пријател со „iPhone“: „Може ли твојот телефон да го направи тоа?“, по што незадоволниот корисник на „Apple“ го фрла својот уред на лежалка.
Јасна порака пред новото претставување
Причината зошто „Samsung“ ја објави оваа реклама токму сега е јасна. За околу две недели, „Apple“ ќе ја претстави новата генерација „iPhone“, која конечно ќе донесе еден поголем новитет – моделот „iPhone 17 Air“, што би можел да привлече големо внимание. Исто така, според сè поголемиот број гласини, следната година „Apple“ би можел да го претстави и својот прв преклопен модел. До тогаш се очекува и значителен напредок во поглед на "AI" можностите на нивните уреди.
Со други зборови, до крајот на следната година, „Apple“ конечно би можел да има уред со кој ќе му парира на преклопните телефони на „Samsung“ (се очекува „iPhone Fold“ да користи токму екрани од „Samsung“), а најверојатно и корисниците на телефонот со логото на јаболко ќе можат да користат слични опции како „sketch to image“, со кои ќе можат да оживеат скици нацртани на екранот. Токму затоа, во јужнокорејската компанија сакаа навреме да покажат колку се пред американскиот конкурент.